Дваесет и четиригодишна велешанка заврши в притвор откако во изминатите неколку дена сторила серија кривични дела – насилство врз дете, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес.
Сторените кривични дела велешанката ги извршила последователно, најпрво заканувајќи му се на татка си дека ќе го убие. На 10 февруари влегла во неговиот дом, кршејќи ја вратата, но кога не го нашла таму, се упатила кон автобуската постојка каде што го затекнала својот татко и му се заканила, со намера да го вознемири и заплаши.
Два дена подоцна, 24-годишната девојка прво вербално, а потоа и физички – со удар со нога во стомакот – нападнала 13-годишно девојче. Подоцна истиот ден, отишла пред домот на девојчето и, држејќи стап во раката, им се заканила неа и на нејзината мајка дека ќе ги убие.
„На 14 февруари го забележала девојчето во дворот на семејната куќа и започнала да фрла камења кон оштетената. Девојчето побегнало, а осомничената продолжила да фрла камења кон паркинг-простор каде што имало паркирани возила и ученици кои чекале превоз. На тој начин предизвикала значителна опасност за животот и телото на присутните и оштетила два автомобила“, додавааат од ОЈО Велес.
Притворот за велешанката, на предлог на ОЈО Велес, е прифатен од страна на Основниот суд Велес.