Обвинетите за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, денеска, во Основниот кривичен суд Скопје седнаа на обвинителна клупа, каде пред судот рекоа дека не чувствуваат вина за двете убиства.
Ова беше прво рочиште по одлуката на Судечкиот совет за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција.
Според обвинителката Жаклина Крстевска, грабнувањето на Вања било извршено со намера да присилат некој член на нејзиното потесно семејство да даде пари на обвинетите за нејзин откуп, посочувајќи дека обвинетите добро се познавале меѓу себе и затоа се договориле да сковаат и реализираат детален и разработен план.
Обвинетите, вели Крстевска, биле известени дека Вања секој петок оди сама на училиште и затоа во петокот планирале да го реализираат грабнувањето, но како што рече, тие тргнале на локацијата, но не успеале да стигнат навреме поради метежот во сообраќајот. Според Крстевска, обвинетите знаеле дека во понеделник на 27 ноември 2023 година, Вања нема да оди на училиште заедно со својата сестра Миња, која во неделата навечер добила порака дека утредента треба да оди од вториот час на училиште, а за тоа бил известен само обвинетиот Александар Ѓорчевски.
„Насилно ја отвориле влезната врата од зградата за да ја грабнат Вања. Откако претходно го обезбедиле цитроенот обвинетите по дадените инструкции од Љупчо Палевски, дошле пред влезот на зградата, каде живее Вања. Влатко Кешишев чекал во возилото и внимавал да не наиде некој. Велибор Манев со шрафцигер ја отворил влезната врата од зградата, па заедно со Боре Видевски кој носел вреќа за спиење, влегле во зградата и ја чекале Вања“, посочи Крстевска.
Кога Вања излегла од лифтот, појасни обвинителката, била ставена во вреќа за спиење со подотворен патент и ѝ биле ставени пластични стеги на рацете и нозете, по што била изнесена надвор од зградата, каде Кешишов ги чекал со цитроенот, по што била ставена во багажникот.
„На булеварот Партизански одреди Боре го скршил мобилниот телефон Ајфон 8 на Вања за да нема сигнал. По претходно дадените инструкции од Љупчо Палевски, продолжиле да се движат по Качанички пат и кај надвозникот кај село Визбегово, се сретнале со Палевски, кој ги чекал со возило рено кангу, во близина на местото викано Дупки во атарот на село Бразда“, рече Крстевска.
Според неа, на свиреп начин и со умисла, околу 9 часот и 30 минути, обвинетите Љупчо, Велибор, Боре и Влатко ја лишиле од живот малолетната Вања, изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет.
Обвинителката Крстевска, во своето воведно обраќање претходно, по барање на оштетените Зорица Ѓорчевска, мајка на Вања и нејзината сестра Миња, побара од судот да биде исклучена јавноста од целата расправа, поради како што рече, интензивното известување на медиумите за настанот кое придонесло за продлабочување на болката, но по противењето на одбраната, судот не го прифати ваквиот предлог на обвинителството.
„Од страна на полномошникот и оштетената Зорица Ѓорчевска и од сестрата на Вања Ѓорчевска поднесен е предлог до обвинителството за исклучување на јавноста од целата расправа, заради интензивното известување на медиумите за настанот кое медиумско известување придонесло за продлабочување на болката, тешко сериозно пост-трауматско растројство, за кое во прилог доставувам извештај од специјалист психијатари препорака на психотерапевт“, рече Крстевска.
Првообвинетиот Палевски пред судот истакна дека ЈО извршува политичка наредба и дека во постапката како докази се ставени повеќе од 100 днк траги, а дури деведесет проценти од неговите приложени докази се користат против него.
Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Александар Ѓорчевски, татко на убиената 14 годишна Вања Ѓорчевска денеска по одржаното судско рочиште изјави дека неговиот клиент е апсолутно невин, дека обвинителството нема докази дека помогнал во убиството на својата ќерка и дека всушност обвинението се темели врз доказите кои токму Ѓорчевски ги прибавил во својата приватна истрага.
Останатите четворица обвинети, пред судот се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што нивната одбрана дополнително ќе достави докази до судот.
Според обвинението, петтемина обвинети заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.
На 22.11.2023, првообвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на Вања Ѓорчевска во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.