Дел од граѓаните на Пула и во вториот дел од ноември се уште уживаат на море. Барем тоа е случајот со една жена која вчера ги контактирала хрватските медиуми, тврдејќи дека секој ден плива бидејќи морето е одлично, пренесува Дневник.хр.

„Секое патување до плажата го користам за да го соберам целото ѓубре што ќе го најдам таму. Сè што луѓето оставаат и фрлаат, морето уредно го враќа на брегот“, вели жената од Пула која сакала да остане анонимна.

Пред три дена мислела дека тоа ќе биде само еден од нејзините вообичаени денови на море, но потоа добила изненадување.

“Кога излегов од морето и се одморив, почнав да собирам ѓубре. Во купот ѓубре видов и мало, валкано и необично шише. Кога го отворив, видов хартија и нешто завиткано во него”, рекла таа.

Немала поим дека нашла вистинско шише со порака. На хартијата беше испишан текст на англиски јазик со порака „Среќно“ и датумот кога шишето е фрлено во морето, 24 јули 2023. Внатре имало и 50 евра.

– Бев пресреќна затоа што вакво нешто не ми се случило во животот. Со тие пари ќе им купам на децата слатки за Свети Никола, изјави таа за Дневник.хр.