Поранешниот фудбалер на Барселона, Макси Ролон (27 години), загина во сообраќајна несреќа што се случи на автопатот во Пухат, кој е на 50 километри од градот Росарио во Аргентина.
Тој беше дел од познатата младинска школа на Каталонците, популарната „Ла Масија“ и тоа во склоп на исклучително талентираната генерација фудбалери родени 1995 година, но не успеа да се пробие до првиот тим. Негов најголем успех беше кога во 2014 година со Барселона дојде до шампионскиот трофеј во младинската Лига на шампионите.
Барселона на социјалните мрежи се збогува со својот поранешен талент.
„Тажни сме поради смртта на Макси Ролон, кој беше дел од нашата младинска школа во периодот помеѓу 2010 и 2016 година. Изразуваме најголемо сочувство и полна поддршка за неговото семејство. Почивај во мир“, напишаа од Барса.
Откако не се проби до првиот тим на каталонскиот гигант, тој две години играше за вториот тим на Барселона, а во меѓувреме беше испратен на неколку позајмици, меѓу кои и таа во славниот бразилски тим Сантос. Потоа, настапуваше за екипи од Аргентина, Чиле, Еквадор и на крај во Ирак, а негов последен клуб беше Ал Дивани од оваа азиска земја.
Животот го загуби откако неговото возило преминало на спротивната лента и потоа удрило во дрво. Заедно со него загинал и неговиот три години постар брат, Ариел Ернан Ролон, кој исто така бил фудбалер.