Маж од Струга исчезнал, откако пред два дена се упатил да бере печурки кон селото Брчево. Го пријавил неговиот брат, откако не можеле да воспостават контакт со него.

„Регионалниот ЦУК Охрид, информира дека од Полициска станица Струга известиле дека има пријава на исчезнато лице од Струга, имено лицето К.М. од својот дом на 20.10.2024 год се упатил во с.Брчево (Општина Струга) на берење печурки, но до овој момент не е вратен ниту можеле да воспостават контакт со истиот. Во полициската станица Струга како исчезнат го пријавил неговиот брат Љ.М.“, стои во соопштението на ЦУК.

Се трага со кучиња

Шеесетгодишен жител од Струга е пријавен за исчезнат во реонот на селото Брчево, информира Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид.

Според информацијата, нивна три члена екипа и водич на куче за пребарување од здружението „Куче спасител“ од Охрид, во координација со Струшката полиција, од утрово се на терен во обид да се лоцира исчезнатото лице.

– Во текот на вчерашниот ден, доцна попладне во 18 часот и 38 минути оперативниот центар на Планинската спасителна служба беше алармиран од МВР секторот за потраги по исчезнати лица, дека во реонот на село Брчево, исчезнат е жител на Струга (60 годишна возраст), со потекло од селото, кој претходниот ден се упатил да собира шумски плодови и до 16 часот и 30 минути (според соседите од селото) не се вратил во својата викенд куќа, соопшти Планинската спасителна служба.