Руската новинарка Марина Овсијаникова, која упадна во програма во живо на руската телевизија „Прв канал“, за да протестира против војната во Украина е пријавена за исчезната во текот на ноќта, пишува Би-Би-Си.

Овсијаникова, уредничка на „Прв канал“, кој е под државна контрола, беше приведена откако вчера се појави со антивоен знак. Знакот, јасно видлив на неколку секунди, гласеше: „Не за војна, прекинете ја војната, не верувајте во пропагандата, овде ве лажат“.

Сега не се знае каде се наоѓа уредничката.

Адвокатот на г-ѓа Овсијаникова, Павел Чиков, објави на Твитер дека не може да го најде својот клиент.

„Марина Овсијаникова сè уште не е пронајдена. Таа е во затвор повеќе од 12 часа“, рече тој во вторникот наутро.

Тој рече дека првичната полициска истрага „не дава основа за притвор и затвор“. Полицијата ја уапси поради новиот закон со кој се забранува воената акција на Русија во Украина да се нарекува „инвазија“ или ширење „лажни вести“ за конфликтот.