Премиерот Зоран Заев објави дека со искрено жалење ја примил веста за трагичната смрт на претседателот на Атинската трговско-индустриска комора, Константинос Михалос.

„Во изминатиот период имав можност неколку пати да се сретнам со овој исклучителен стопанственик, економист и експерт со кого беше задоволство да се разговара за реализирање на нашите заеднички заложби за зацврстување и унапредување на економската соработка меѓу Грција и Македонија“, објави премиерот.

Како претседател на Атинската комора за трговија и индустрии, Константинос Михалос се залагаше за заеднички иницијативи за подобрување на условите за инвестирање, за зголемување на трговската соработка и за успешна соработка на бизнис заедниците на нашите две земји.

„Од особено значење за мене е една од нашите последни средби, при која ми беше врачено одликување, лично од г-нот Михалос како признание за придонесот во унапредувањето на економските и политичките односи меѓу Грција и Македонија“, додаде Заев.

Тој изразува искрено сочувство од негово лично име и од име на Владата со поддршка во тешките моменти до семејството и сите блиски на Михалос.