Понекогаш животот не става пред најтешки предизвици и искушенија, а не ни покажува начин како да се справиме со нив. Тешко животно премрежје, непромислени одлуки и лош чин за кој неизмерно се кае сторил и Зоран Младеновски од село Коинце. Тој пред многу децении живеел тешко, исто како и денес. И, токму кога Бог му дарил син, на само неколку денови после крштевката го губи засекогаш. Тој тврди дека бабата која му признала дека му наштетила на малото, во состојба на афект и непромисленост и го одзел животот и неизмерно се кае.
Не седум, ниту седумдесет, туку седумстотини години ќе каже тој ми се сторија моментите кои ги минав во издржување на казната. Камо да имаше некој во тие секунди да ми ја фати раката и да ми рече: Немој не го прави тоа!- од сегашна перспектива ќе каже тој. Но, ниту моментите за покајување и отслужување на казната нема да му ја смират душата, ниту да му ја вратат вербата во животот. И, сега многу години после тоа дело, тој секоја ноќ легнува и се буди наутро со грижа на совеста за сторениот чин. Тешко живеел и пред тоа, а, денес, во една мала соба во куќа стара и повече од 300 години, во која од никаде не влегува зрак и кислород го минува секојдневието со сопругата Станка и двете, веќе полнолетни деца.
Голем раабоник е ќе кажат сите соселани за него, но, тешко доаѓа до секој спечален денар. Еднолична храна засадена во нивата покрај куќата, без услови за одржување хигиена и денес минува животот на овој човек. Поради лошите услови децата не сакаат да седат со него и бегаат во Градот. А, нему најголема желба му е да ја доправи започнатата соба направена со донации за да може да живеат по комфорно и барем еднаш да ја видат светлината на денот.
Зоран сиот живот живее во село Коинце во куќа стара и повеќе од триста години. Исто, како порано и денес живее идентично тешко, во една мала соба без прозорци во која принудени се да спијат и тој и сопругата и децата. Пред три децении, тогаш сеуште млад и само што оженет добива син кој го губи веднаш после крштевката. За жал, ќе каже тој бабата која му признала дека му наштетила на детето, во состојба на афект и го одзема животот. Но, вечно ќе се кае и проколнува што не изброил до десет или некој не му ја фатил раката за да не го стори тоа. Сепак, тој следните години ќе одлежи за тоа дело, а, тоа ќе значи страдање и на неговата сопруга и ќерката која тогаш била премногу мала.
-Многу бевме сиромашни. Бевме повеќе деца и некои од нив се снајдоа, но јас останав со родителите во селово. Ми се укажа шанса за да одам во Словенија, но останав само еден месец и се вратив. Сме живееле со една лажица. Ништо не сме имале. Потоа татко ми почина. Мајка ми лежеше во болницата во Бардовци, а јас се оженив. Откако ми се роди првиот син рековме ајде да му направиме крштевка за да го ставиме во вера.
Два дена после крштевката видовме крв на алишатата кои беа перени закачени на жица. Реков да е кокошка не е, зашто е многу високо. Отидов до кај еден човек во Младо Нагоричане и ми рече си закаснил. Детето ќе ти умре од рацете на една жена. Додека дојдов дома што да видам, тоа испуштило душо. Не можев со месеци да си дојдам на себе-раскажува сеуште со солзи и горчина Зоран Младеновски. Два месеци по смртта на бебето, баба сосетка после кратка расправија му рекла дека и нив ќе ги снема ако таа сака исто како што го снемало бебето. Во тој момент Зоран во афект ја убива жената за што подоцна ќе се кае и жали сиот живот за стореното дело-ќе рече тој.
-Да имаше некој да ме фати за рака и да ми рече изброј до пет- можеби немаше тоа да го сторам. Многу ми е криво што така се изгубив и го сторив тоа злодело, ама ете одлежав седум години во затвор а, како да беа седумстотини. И, не треба никој да ви суди. Доволно е што вие живеете со таа психа дека сте одзеле нечиј живот. Многу ми е криво. Требаше да размислам пред да ме обземе лутината и горчината. Ќе се судевме, ќе се докажувавме. Ама ете се случи-вели Зоран.
И, денес животот на ова семејство е многу тежок и сиромашен. Децата му се невработени и често поради условите се срамат и бегаат во градот каде ако нешто заработат даваат на кирии и трошоци за живот. Сепак, пред неколку месеци хумани луѓе дошле во домот на Зоран и им кажале дека ќе им помогнат да направат макар една соба. Впрочем, тоа им е и најголемата желба и на Зоран и на Станка, да ја видат собата направена и покомфорно да го минат остатокот од животот.
-Живееме многу тешко денес. Имам две деца на кои не им обезбедив убав живот. Во една соба сме целиот живот. Двајца спијат на едниот кревет, јас и жена ми на другиот кревет. Тука јадеме тука спиеме, тука се бањаме.Се тука. Веќе и децата бегаат и не гледаат иднина тука- ќе рече Зоран.
-Да не се шипките кои ги береме и продаваме ќе умреме и за храна-вели Станка, сопругата на Зоран. Ни треба помош. Еве ако сакаат да се оженат, омажат децата каде ќе одат. Со нас ли во оваа соба. Не оди. Ете, почнавме нешто ама немаме сила како да ја доправиме новата соба, па затоа се пријавивме за помош-додава таа за Срце на Дланка.
Нашиот живот зависи од нашите постапки. Во нас самите постои нешто што се смее и нешто што брзо се расплакува. Нешто што не воодушевува и нешто што ни кажува колку живототзнае да биде тежок и досаден. Во нас лежат причините за сите радости и за сите лоши работи. Многу нешта постојат во нас, и болка, и сомнеж, и замор, и надеж и љубов. Но, најчесто победува тоа што ние ќе го одбереме. И, да, има едно преубаво место за живот кое секој од нас може да си го обезбеди. Тоа се вика мир во сопственото срце.