Соучениците на 19-годишниот Јован Костадинов од гиманизијата „Ванчо Прке“ од Виница денеска го пречекаа со аплауз и прегратки нивниот другар, кој спаси 21 живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, Јован по кратко болничко лекување денеска се врати во училиште, а соучениците и професорите му направија изненадување.

„Денешниот настан покажа дека е време да почнеме со некои нови вредности. Вредности во кои ќе се почитува хуманоста, вредности во кои сите млади треба да се идентификуваат со ваквиот херојски настап на Јован. Сите сега сме Јован и велиме сите „И јас сум Јован“, бидејќи тој спаси повеќе од 20 негови врсници. Тој тоа го направи професионално. Јован намокрил маица, се намокрил себеси, влегол во диското и така еден по еден успеал да спаси повеќе од 20 млади животи. Се надевам дека младите од тоа ќе извлечат голема поука. Ќе можат да вреднуваат она што е хумано, вредно и значајно“, вели Радмила Манчевска, психолог во гимназијата „Ванчо Прке“.

Во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.

Како што раскажал Јован во разговорите со наставниците, во моментот на пожарот останал присебен и се сетил што треба да направи благодарение на часовите за прва помош кои неодамна ги имал при полагање за возачка дозвола.

Loading...

Loading...