Озлогласениот чеченски лидер Рамзан Кадиров е крајно лут на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пишува британски The Times.
Песков го налути Кадиров затоа што не му честитал за унапредувањето кога минатата недела му беше доделен чин генерал-полковник.
Рангот му го додели лично рускиот претседател Владимир Путин. Рускиот телевизиски водител Иван Ургант коментираше дека Кадиров е „алфа мажјак на квадрат“ и дека Песков е „само гилиптер“ во споредба со него.
Чеченскиот лидер ја заврши својата објава за Песков на Телеграм, велејќи дека „скалата на приоритети поставени од Песков е неприфатлива и дека нешто во врска со тоа мора да се преземе“. Инаку, Песков со години е со рускиот претседател и припаѓа на најтесниот круг на негови соработници.
Пред Кадиров вака никој не го нападнал Песков, а озлогласениот Чеченец јавно го критикуваше и преговарачот со Украинците Владимир Медински. Тој е човек избран лично од Путин.
Британски Тајмс споменува свиркач од руските безбедносни служби кој тврди дека Кадиров се осмелил да ги дискредитира шефовите на тајните служби бидејќи војната го поттикнала на тоа. Свиркачот смета дека е можно Путин да му дозволи на Кадиров да преземе дел од тие задолженија.
Но, не мислат сите исто, па Татјана Становаја од Московскиот центар Карнеги не смета дека тоа е реално. Таа наведува дека проблемот на Кадиров е Кремљ, но дека Путин во моментов е премногу силен, па тоа не му е голем проблем.
Становаја смета дека Путин мора да го покани Кадиров во Кремљ и да му објасни кои граници не може да ги помине. „Путин е зафатен со други работи во моментов“, изјавила Становаја за Тајмс.
Таа додаде дека голем број луѓе во руската елита сакаат крај на војната, но дека во моментов не може да се очекува дека нешто ќе се преземе во врска со тоа.