Челникот на Чеченија, Рамзан Кадиров, апелираше во четвртокот до рускиот претседател Владимир Путин, да не ја прекинува, како што Москва официјално ја опишува „специјалната операција“ во Украина, и истакна дека истото го мислат и руските војници и доброволците кои се борат во соседната земја.
„Борците на вооружените сили на Руската Федерација постигнаа одлични резултати последните денови во извршувањето на задачите во Украина. Главното сега е да се придвижиме натаму кон целта. Во ниеден случај не треба да се запре специјалната операција….“, напиша Кадиров на својот Telegram канал.
Чеченскиот лидер порача дека мора да бидат докрајчени „бандеристите“, односно следбеници на украинскиот нацистички водач Степан Бандера соработник на нацистичка Германија во Втората светска војна кои заедно со радикалните исламистички борци во 1990-те години во Чеченија водеа војна против руските сили и чеченските лојални на Москва.
„Бандеристите мора да бидат докрајчени, а заедно со нив и фанатиците и оние шејтани кои своевремено побегнаа од Чеченската Република… Го молиме врховниот командант Владимир Путин да не ја прекинува специјалната операција“, додаде Кадаров во објавата.
„Ги докрајчуваме ѓубрињата, ја ослободуваме од нив Украина и целот народ. Главната задача, да се заврши со бандеристите, се извршува. Знам дека борците на вооружените сили на Руската Федерација и доброволците таму истото го мислат. Тие навистна сакаат, и мене ме замолија да порачам, да не ја прекинувате операцијата што е во тек“, пишува чеченскиот челник.
Кадиров оценува дека преговорите со украинските власти во Киев, од кои вториот круг заврши во четвртокот доцна попладнето со договор за отворање хуманитарни коридори за извлекување на цивилите од опкружените од руските сили градови и можен прекин на огнот, немаат големо значење за остварување на целите на Москва.
„Сметам дека не ни се потребни преговори. Тие не носат значителна добивка за Русија, но затоа ѝ даваат време на спротивната страна. Очигледно е дека украинските власти загазени во крвта, немаат намера да се согласат со нашите правични барања“, пишува уште Кадиров.
Чеченецот, исто така, ги советува европските држави „да ги преиспитаат своите непријателски дејствија против Руисија“ кои ја „убиваат и нивната економија“.
„Ја убивате сопствената економија. Не е тајна дека Америка е во долгови. Нема да имате иднина ако продолжите да им се подредувате на САД. Натамошното напредување кон сигурен сеопфатен развој е можен само со Руската Федерација. Размислете за тоа додека постои уште една шанса. Со ова само ќе си наштетите. Разберете дека никогаш нема да паднеме на колена и нема да ја победите Русија“, порачува Кадиров.