Австриските медиуми денес јавија за случајот на кафуле во местото Штробл на езерото Волфгангзе во покраината Салцбург, во кое сопственици послужуваат само лица кои не се вакцинирани против коронавирусот.

На прашањето зошто вакцинираните не се добредојдени, сопственичката на малото кафуле кое работи во рамки на нејзината био-продавница не сакала да одговори. Не само на медиумите, односно австриското радио и телевизијата ОРФ и други дневни весници, туку ни на градоначалникот, општинарите и туристичките работници во Штробл.

„Може само да се смееш, да си мислиш што сакаш и да апелираш до гостите да не одат таму. Бидејќи тоа не е во согласност со нашите насоки“, кажа градоначалникот на Штробл Јозеф Вејкингер, истакнувајќи дека не е одушевен од однесувањето на својата сосетка, но дека нејзината постапка „не е противправна“.

„Тоа е, нормално, огромна опасност, бидејќи општеството и особено демократијата се состои од согласност и легитимност. А ако политичките одлуки повеќе немаат легитимност, тогаш повеќе нема ни демократија. И сè повеќе луѓе ќе почнат да се одвојуваат од општеството“, кажа политикологот Рајнхард Хајниш.

Австрискиот експерт го гледа случајот на кафулето за невакцинирани во Штробл како многу симптоматичен за сè пораширената појава на оддалечување на многу луѓе од класичниот општествено-политички и здравствен систем.

„Сметам дека ковид пандемијата го разединува општеството, но не само општеството. Таа влегува и во многу други пори на општествениот живот, па така на пример може да предизвика и судири меѓу вработените во претпријатијата или во семејствата, но и да доведе до распаѓање на пријателства“, истакна Силвија Траунвајсер, професорка по филозофија на право на Универзитетот на Салцбург.

Австриските медиуми наведуваат дека вакцинирањето против коронавирусот направило поприличен раздор во многу општества, па така и во Австрија, каде поделбите на вакцинирани и невакцинирани и сè почесто спомнуваните привилегии за вакцинираните лица придонесоа и на сè почести екстремни однесувања.