Старото правило вели дека се докажува вината, а не невиноста. Гевгелиските судии уверливо не докажаа дека Боро Кусеников се обидел да убие две лица, но успеаја експресно да го сместат во „Идризово“, каде што треба да ги помине следните 7 години и 6 месеци. Како се случи оваа драма?
Гевгеличанецот Борис Кусиников, човек на возраст од 78 години, од пред триесеттина дена се наоѓа во затворот „Идризово“ во Скопје. Таму тој ја издржува казната од 7 години и 6 месеци затвор, поради две кривични дела Убиство во обид според член 123 од Кривичниот законик и едно кривично дело Предизвикување општа опасност, според член 288 од КЗ, пренесува Плус инфо.
Во првостепената пресуда на Основниот суд во Гевгелија од 26 април 2021 година (К.бр. 67/21) пишува дека обвинетиот Борис, на кобниот 29 октомври 2020 година, околу 10.30 часот, во канцеларијата на извршителот Данчо Диманчев, со умисла се обидел да лиши од живот две лица – оштетените Перо Поп Костов и Дине Ајцев, адвокат од Гевгелија. На претходно договорениот состанок за регулирање на начинот и рокот на исплата на долг на обвинетиот Кусиников кон Поп Костов, како доверител по правосилната и извршна судска пресуда на Основниот суд Гевгелија (станува збор за долг од 1.073.732 денари), обвинетиот прво станал од столицата, ја затворил внатрешната врата од канцеларијата и од под панталоните извадил огнено оружје – пиштол Н.Н. марка, сиво црна боја. Тој пиштол прво го вперил кон оштетениот Поп Костов, обидувајќи се да го репетира, по што адвокатот Ајцев извикал „Боро, Боро“. Потоа Кусиников со вперен пиштол се свртел и тргнал кон него, а Перо се скрил под канцелариската маса. Кога обвинетиот со вперен пиштол се приближил до Ајцев, во еден момент адвокатот успеал да му ја фати десната рака со која го држел пиштолот, насочувајќи му ја кон подот, бидејќи обвинетиот повторно се обидувал да го репетира пиштолот. Потоа настанало борење помеѓу нив двајцата. Додека траела борбата, дошле во непосредна близина до оштетениот Данчо Диманчев, па поради неконтролирано движење со огненото оружје Кусиников предизвикал и значителна опасност за животот на извршителот Диманчев. Перо Поп Костов, извршителот Диманчев и останатите вработени во канцеларијата на извршителот, успеале да побегнат надвор, а после 3 до 5 минути оштетениот Дине почнал да го моли обвинетиот да го остави пиштолот, велејќи му дека нема ништо да постигне со тоа што ќе го убие. По даденото ветување од страна на адвокатот Ајцев дека нема да го пријави настанот, обвинетиот Боро ја напуштил канцеларијата, кажувајќи му на Ајцев дека ако не го исполни ветувањето, ќе му ги убие децата. Потоа обвинетиот се упатил кон реката Вардар о го фрлил пиштолот во Вардар во близина на истоимениот гевгелиски мотел.
Пропусти во истрагата или местенка?
Тоа е официјалната верзија на настанот, утврдена со судската пресуда. Но, многу факти и искази соопштени во текот на процесот сериозно ја оспоруваат оваа пресуда, која, подоцна, за жал, ќе биде експресно потврдена и од Апелацискиот суд во Скопје. Ова е верзијата на настанот што ја раскажува Иван Кусиников, син на осудениот Боро:
– Тој ден јас останав дома, а брат ми и мајка ми уште сабајлето отидоа на пазар со колата. Татко ми беше во дворот и ми делуваше некако вознемирено. Околу 10 часот излезе некаде. По 20 минути се врати, го зеде велосипедот и замина некаде. Подоцна и јас излегов на тротоарот и здогледав метеж кај канцеларијата на извршителот Диманчев, која е на околу 50 метри оддалеченост од нас. Ми пријдоа полицајци, ми кажаа за што се работи, дека наводно татко ми им извадил пиштол во канцеларијата и потоа мирно излегол од таму и заминал во непозната насока. По неуспешните телефонски повици, татко ми се врати за околу половина час. Дојде полиција и крим-техника со налог од обвинителката Васка Ковачева Садикова, но таа не се појави, иако беше обврзана да дојде на лице место. Почнаа испрашувања, а потоа и претреси во куќата. Татко ми им кажа дека извадил пиштол плашливец, им го вперил на бандитите во канцеларијата, откако видел дека почнале да играат пинг-понг со него, односно де се согласиле со договореното за исплатата на долгот, де го одрекувале тоа. Потоа, во афектна состојба, го зел велосипедот, тргнал накај мостот на Вардар, во близина на мотелот и од мостот го фрлил плашливецот во реката, замотан во црно ќесе, при што тоа десетина секунди пливало и потоа почнало полека да потонува. И потоа се вратил дома.
За тоа дека Боро отишол на Вардар постои снимка од објектот на АМСМ, на која се гледа дека тој со велосипедот поминува и оди на мостот и по 5 минути повторно поминува, враќајќи се назад. Времето од снимката се поклопува со времето кога ја напушта канцеларијата на извршителот и по половина час повторно се враќа дома.
– Во куќата и во дворот ништо не пронајдоа како индиректен доказ дека се работи за вистински пиштол. Куршуми, барут и слично. По земената парафинска ракавица на рацете, не се констатира дека имало барутни честици. Татко ми им призна на истражителите дека во подрумот во едно пластично буре го чувал плашливецот, кој го купил од Бит пазар од некое Албанче за 2000 денари, при една екскурзија во Скопје со пензионери. Поради тоа, донесоа и куче трагач, кое при допирот со бурето воопшто не реагираше. На крајот, составија записник дека нема никакви траги од огнено оружје најдено во дворот и куќата, при што и бурето го оставија. Татко ми го однесоа во полиција, а наредниот ден му одредија 30-дневен притвор, со обвинение Обид за убиство. Но, вечерта повторно дојдоа од крим-техника, со налог од обвинителката да го земат бурето. Го фотодокументираа, јас се потпишав на записникот, го зедоа и си заминаа. Тоа мене ми стана многу сомнително. Ги прашав зошто дента не го зеле бурето туку во 21 часот вечерта, а луѓето од крим-техника ми одговорија: искрено, немаше потреба да го земеме, но сега имаме наредба од обвинителката – раскажува Иван Кусиников.
Одбраната тврди дека најсимптоматично е тоа што бурето воопшто не било пратено да се вештачи во лабораторијата на МВР, за да се реши дилемата дали имало или не остатоци од барутни (нитратни) честици во него, како доказ дека во него имало вистински пиштол.
– На судскиот процес во март 2021 година, полицаецот-кучкар лажно сведочеше дека кучето бурно реагирало околу бурето, што било доказ дека во бурето се чувало „вистински пиштол“. На прашањето на нашиот адвокат зошто не го зеле веднаш бурето, туку 5 часа подоцна, полицаецот-кучкар целосно се изгуби, почна да блада глупости. Но, тоа беше еден од клучните „докази“ за да го осудат татко ми – раскажува Иван.
Ако пиштолот бил вистински, сигурно би бил пронајден на дното на Вардар
Дилемата дали Боро Кусеников посегнал по вистински пиштол или по плашливец можела да биде лесно разрешена. Пет дена по немилиот настан, специјализираната единица нуркачи од МВР се обидела да го најде оружјето во водите на Вардар. Според кажувањата на експерти од таа област, ако станувало збор за вистински пиштол, тој сигурно би бил пронајден. И затоа во сомнителната кривична постапка пиштолот го добива името Н. Н.
При вкрстените испрашувања на оштетените и на сведоците од страна на Џаков, адвокатот на обвинетиот Кусеников, добиени се контрадикторни искази за она што се случувало во канцеларијата на извршителот. Не е уверливо докажано дека Боро се обидувал да го репетира пиштолот. Изгледа дека сепак немало обид да се репетира пиштол, а немало ни обид да се испука куршум. Ако сакал да пука и ако пиштолот бил вистински, обвинетиот Боро Кусеников имал најмалку три шанси комотно да пука и да убие, уверливо тврди одбраната. Според психијатриското вештачење, за време на настанот, Кусеников бил со намалена пресметливост, иако вештакот прецизира дека не станувало збор за битно намалена пресметливост. Доказите на одбраната се на страната на тврдењето дека не е уверливо докажана и наводната умисла за убиство. Доколку е точно тврдењето на Боро Кусеников дека носел плашливец, а не за вистински пиштол, умисла не ни можела да постои. Работа на истражителите и на обвинителот била да го докажат спротивното, зашто во принцип се докажува вината. Без оружјето со кое наводно е извршен обид за убиство како доказ, не може уверливо да се тврди дека станува збор за кривично дело Обид за убиство.
– Првостепената пресуда беше донесена на 26 април 2021 година и татко ми беше во притвор цели 13 месеци, до 24 ноември, кога ден по добивањето на скандалозната пресуда од Апелација, веднаш го пратија во „Идризово“. Првостепената пресуда беше обжалена од нашиот адвокат Ристо Џаков и на 7 октомври беше закажана јавна седница. На седницата, адвокатот ја образложи жалбата, а можеше да се воочи дека судиите од судечкиот совет воопшто не го ни разгледале предметот, а камоли да го обработат. Исто така, стаса и допис од Вишото јавно обвинителство Скопје (КОЖ бр. 1140/21 од 6 септември 2021), во кој се предлага да се прифати жалбата во целост како основана и по службена должност Апелација да ја укине првостепената пресуда, а предметот да го врати на повторно постапување пред првостепениот суд. Но, на 23 ноември стаса скандалозната пресуда од Апелација во однос на жалбата (КЖ-790/21), донесена на 28 октомври 2021, со која жалбата се отфрла како неоснована, а првостепената пресуда се повторува – раскажува Иван Кусиников.
Како сопственикот може да му стане должник на кираџијата
Што е тоа што го натерало сега осудениот Боро Кусиников, за кого во Гевгелија може да се слушне дека бил образован, скромен и мирен човек, да посегне по пиштол, макар и плашливец, за така да истера некоја своја правдина? Овој случај има своја предисторија. Кусиникови тврдат дека се изиграни и измалтретирани во граѓанската парница на Боро Кусининок со Перо Поп Костов и со неговиот адвокат Дине Ајцев.
– Сè започна кон крајот на 2015 година, кога решивме по судски пат, со раскинување на договорот, да го отстраниме кираџијата Перо Поп Костов од нашиот деловен објект од 250 метри квадратни, што се наоѓа во центарот на Гевгелија. Објектот е наше наследство. Поп Костов го работеше скоро 20 години, но во последните неколку години почнаа проблеми, бидејќи не ја плаќаше киријата навремено, иако од татко ми имаше разбирање. По неколку судски рочишта, во почетокот на март 2016 година, беше донесена пресуда тој да се исели од објектот. Но, неговиот адвокат Ајцев ја обжали таа пресуда, за да добие во време, затоа што веднаш поднесоа тужба за наводни побарување за негови вложувања во објектот. Се работеше за доградби во деловниот простор од монтажен карактер, тенеќии и слично. Симптоматично е тоа што истата судијка, Тодорка Цилковска Димова, ги водеше и двата спора – и за иселувањето и вториот процес, за неговата тужба за побарувања за наводни негови инвестициски вложувања во објектот. И што е најперверзно во сета оваа монтировка, предметот по основ на неговата тужба против нас заврши многу побрзо од предметот за неговото иселување, бидејќи жалбата на пресудата за иселување ја држеле 5 месеци во некои фиоки на судската администрација. Тоа ние го дознавме отпосле, од вработени во судот. Пресудата која ни ја запечати судбината беше донесена на 9 ноември 2016 година. Беше пресудено да му исплатиме на кираџијата 17.000 евра, кои со судските трошоци нараснаа до скоро 30.000 евра. Судскиот процес самиот по себе беше скандалозен. Уште на првото рочиште се виде пристрасноста на судијката Тодорка Цилковска Димова, како и нејзината наклонетост кон адвокатот Ајцев и кон кираџијата Перо Поп Костов. Побаравме изземање на судијката од претседателот на судот, но сè беше залудно. Дури дознавме дека е во подалечни роднински врски со кираџијата. Инаку, гевгелиско-дојранскиот адвокат Дине Ајцев е познат по неговата исповрзаност со гевгелиските судии, па и пошироко – вели Иван Кусиников.
Иако скандалозната пресуда е обжалена до Апелација, во март 2018 година таа станува правосилна. Во меѓувреме, Боро го префрла објектот на своите два сина, по што започнува судска постапка за раскинување на договорот за дар. Во јули 2019 година договорот за дар е раскинат и објектот е вратен во сопственост на Боро Кусиников.
– Сите обиди за разговор за наоѓање солуција која би го изземало извршувањето беа залудни. Се обидовме во наредните неколку месеци да го ставиме на продажба објектот, но и тоа беше залудно, бидејќи никој не сакаше да влегува во купопродажни договори за објект за кој се води спор и е под закана од извршување. Во почетокот на 2020 година извршувањето беше привремено стопирано од владата поради ковид-кризата, но веќе во август 2020 продолжија активностите во врска со извршувањето. Еден месец пред кобниот 29 октомври, со татко ми разговаравме да се најде солуција за плаќање на долгот на начин што јас и брат ми ќе одиме да работиме во странство и за неколку години ќе го исплатиме етапно. За овој план татко ми неколку дена пред кобниот 29 октомври разговарал со адвокатот Дине Ајцев, кој наводно го прифатил овој предлог и била договорена средбата кај извршителот Данчо Диманчев – раскажува Кусиников.
Боро се изјаснувал како Бугарин, имало ли тоа влијание врз процесот?
На средбата адвокатот Ајцев доцнел 15 минути и Боро Кусиников веќе бил на нога, со намера да си оди, изнервиран и исплашен дека пак ќе биде изигран. Можеби нервозата и непромислената постапка на Боро може да се објасни и со контрадикторните искази меѓу адвокатот Ајцев и извршителот Диманчев за тоа како било договорено да се плати долгот – Ајцев во записник тврди дека Боро му рекол дека има 25.000 евра да го плати долгот, додека Диманчев во записник го тврди истото што и Кусиникови, дека било договорено долгот да се плати на 5 рати по 5.000 евра.
Како и да е, факт е дека Боро на средбата стасал во состојба на намалена пресметливост, најверојатно со пиштол плашливец. Нема сомневање дека тој и на таков начин, со својата постапка, ја загрозил сигурноста на луѓето во канцеларијата на извршителот. Но, се чини дека одбраната е во право кога тврди дека сепак немало основа на 78-годишниот Боро да му стават на товар две кривични дела Обид за убиство и едно кривични дело Предизвикување општа опасност, за да му се определи драконска казна од 7 години и 6 месеци затвор.
Во 13-месечниот притвор на Боро Кусиников не му била дадена соодветна медицинска заштита, кога имал потреба за тоа.
– Едноставно, монструмската банда се изживуваше со него. Сакам да нагласам само дека татко ми се чувствува како Бугарин по етничка припадност, така се декларирал на овој попис, но и пред 10 години, а така се декларирал и во затворската документација. Иако тој не е конфликтна личност и на вакви теми не разговара со никого нити пак влегува во конфликт за тоа. Мое лично мислење е дека неговата таква ориентација и самочувство е една од причините за оваа драконска казна, од страна на овој криминално-клановски суд – категоричен е Иван Кусиников.
Оваа и сите други дилеми поврзани со настанот во канцеларијата на гевгелискиот извршител Диманчев веројатно можеле да бидат расчистени, доколку се прифатела сугестијата на Вишото јавно обвинителство да има повторно судење. Но, некому очигледно било поважно 78-годишниот Боро Кусиников, поранешен наставник по географија, планинар и љубител на природата, итно да стане станар на „Идризово“ и таму да дочека длабока старост.