Откако на социјалните мрежи во Србија се појавија сведоштва на десетици девојки, кои како што рекоа, во нивните пијалоци во ноќните клубови во Белград и Нови Сад им била ставена таканаречена „дрога за силување“, во Србија се одвива голема полемика во јавноста – за каква дрога се работи, како да се препознае, какви последици може да има. Одговори на овие прашања во интервју за РТС дадоа магистерот по фармација Александра Димитријевиќ и психијатарот д-р Дијана Ракетиќ.
Таканаречената „дрога за силување“ нема вкус и мирис и речиси е невозможно да се препознае во пијалок, пишува српскиот медиуми „Блиц.рс“.
– Таа се користи со намера за некој да се злоупотреби. Мотивот не мора да биде силување, тоа може да биде грабеж, а целта е да се оневозможи личноста и да се спречи да реагира. Нејзините моторни функции се нарушени, ја губи можноста за здраво расудување, објаснува магистерката по фармација Александра Димитријевиќ.
Најпопуларен меѓу овие лекови е GHB (џи-ејџ-би), кој нема боја, вкус или мирис, а неговото дејство започнува по десетина минути.
– Неговото дејство потсетува на дејството на алкохолот. Жртвата е расположена, подготвена за танцување, состојбата оди до еуфорија, нема инхибиција, но со земање на дополнителна доза, лицето почнува да ја губи способноста за движење, добива вртоглавица, мачнина, а понекогаш и повраќа – вели Димитријевиќ.
Психијатарот д-р Дијана Ракетиќ објаснува дека максималниот ефект на „лековите за силување“ е од еден до пет часа.
Таа наведува дека тој што има намера да злоупотребува ја проценува ситуацијата и го чека моментот кога жртвата ќе почне да се жали дека е болна, дека е слаба, дека не може да издржи.
– Наводно ќе ви пружи помош, да излезете надвор, да бидете на чист воздух, а тоа е моментот кога се случуваат овие злоупотреби – вели Ракетиќ.
За да делува, оваа дрога не мора да се меша со алкохол, но кога се меша може да доведе дури и до кома. Се јавува и некаков вид на амнезија, па жртвата не се сеќава што се случило.
Соговорниците на РТС истакнуваат дека единствено што можеме да направиме е да бидеме внимателни и покрај нас да имаме пријател кој ќе забележи промена во нашето вообичаено однесување.
Димитријевиќ посочува дека е потребна посебна претпазливост доколку одиме на ново место, во непознато кафуле, како и да побараме пијалоците да се послужат во неотворено шише или лименка.
– Доколку се отвори пијалок, а вие го напуштите местото, внимавајте и ако не сте сигурни, нарачајте нов пијалок. Добро е да имаш околу себе некој кој те познава, кој гледа промени во твоето однесување, изјави Димитријевиќ.
Таквите лекови може делумно да се елиминираат со употреба на активен јаглен или некој лаксатив кој би предизвикал повраќање.
– Треба што побрзо да отидеме на местото каде што ќе се измие желудникот и да ги следиме виталните функции, да утврдиме на кој орган делувал лекот, рече Димитријевиќ.