(ФБ статус на професорот Дејан Трајковски)

Многумина се прашуваат како е можно цената на бензинот денеска да биде повисока отколку во 2008 година, ако тогаш цената на суровата нафта била до 184 долари по барел (USD/bbl), за разлика од денешната, 115 долари по барел.

Најпрво ќе видиме дека барелот сурова нафта тогаш и сега чинел исто, изразено во денари, а потоа ќе видиме зошто цената на горивата денеска е повисока и дали има простор за намалување.

Во првата од двете табели имаме споредбени податоци за цените на еден барел сурова нафта во американски долари, како и курсевите на еврото, изразени во американски долари и македонски денари (графиците се дадени во коментарите). Еден американски барел, инаку, изнесува точно 42 американски галони, односно 158,99 литри.

Пресметките покажуваат дека еден литар сурова нафта во мај 2008 година чинел 41,83 денари, додека на крајот од мај 2022 чинел речиси исто, 41,64 денари.

Значи, поради зајакнувањето на американскиот долар во однос на еврото и денарот, деновиве суровата нафта чини практично исто како за време на последната нафтена криза од мај 2008.

Да видиме сега што се случува со цената на нафтените деривати. Од еден литар сурова нафта се добиваат околу 0,45 литри бензин (БС-95 и БС-98), 0,29 литри дизел и екстра лесно масло, 0,095 литри млазно гориво – керозин (ЈЕТ А-1), 0,04 литри течен нафтен гас (LPG) и околу 0,135 литри мазут и битумен, како што е прикажано во втората и трета колона од втората табела. Не е грешка, од еден литар сурова нафта се добиваат 1,01 до 1,02 литри нафтени деривати, иако од 1 kg сурова нафта се добиваат вкупно точно 1 kg нафтени деривати. Работата е во тоа што во суровата нафта, како смеса, молекулите на полесните фракции се погусто „спакувани“ помеѓу покрупните молекули, односно суровата нафта има поголема густина, изразена во килограми по метар кубен, отколку средната густина на дериватите.

Понатаму , во четвртата колона ги имаме последните малопродажни цени на дериватите, изразени во денари по литар. Бидејќи малопродажната цена е оптоварена со многу давачки, од кои се најзначајни се акцизите, царините и ДДВ-то, продажната цена е значително поголема од производната цена. На пример, кај моторните бензини производната цена изнесува само околу 48,7% од малопродажната цена (податок од 2018 година), а кај дизелот – околу 55,3%. Во отсуство на податоци, за останатите деривати ќе сметаме со фактор 50%. Така, во шестата колона ги добиваме производните цени на нафтените деривати во денари по лирар, на прагот на рафинеријата.

Множејќи ги производните цени со добиените количества деривати од еден литар сурова нафта (трета по шеста колона), ги добиваме вкупните производни цени на одделните деривати (во седмата колона). Во осмата колона, пак, ги имаме вкупните продажни цени на добиените деривати од еден литар сурова нафта.

Долу десно во втората табела ги гледаме вкупните износи кои се добиваат од преработка на еден литар сурова нафта. Така, од еден литар сурова нафта којшто деновиве чини околу 41,64 денари, производната цена на сите деривати изнесува 49,5 денари, а нивната продажна цена – 97,33 денари. Најголемиот дел од разликата помеѓу производната и продажната цена го чинат акцизите, царините и ДДВ-то и истите изнесуваат дури 55,69 денари на секој литар деривати добиени од еден литар сурова нафта. Во САД не се плаќаат акцизи (бидејќи нафтените деривати не се сметаат за луксузна стока), па затоа и цената таму изнесува половина од кај нас. Како што гледаме, производната цена на моторните бензини кај нас изнесува само околу 54 денари по литар, т.е. помалку од половина од пазарната цена од 110. 5 денари по литар (просечно за БС-95 и БС-98).

Следно што можеме да заклучиме е дека разликата во цената помеѓу еден литар сурова нафта и дериватите од тој еден литар изнесуваат само околу 7,90 денари. Намерно оваа разлика не ја нарекуваме профитна маржа, бидејќи во неа влегуваат трошоците на преработката, односно енергијата и платите на вработените. Не можеме да знаеме колкави се тие трошоци, но после нивното одземање, најверојатно не останува профит повеќе од 4 денари по литар преработена сурова нафта, односно не повеќе од 10% нето профитна маржа, ако не и помалку.

Доколку РКЕ (Регулаторната комисија за енергетика) не им ги признае на производителите адекватните набавни цени и трошоците, лесно може да се случи да заглават во загуба – како што се случува со домашното производство на електрична енергија.

На крајот, доаѓаме до прашањето зошто денеска цената на нафтените деривати е повисока отколку во 2008 година, на врвот на тогашната нафтена криза.

Делумно (и тоа во помал дел) тоа се должи на инфлацијата, односно растот на трошоците и платите во изминатите 14 години. Иако цената на суровата нафта (во денари) од тогаш речиси не се изменила, платите и трошоците растеле со стапка од околу 2-3% годишно, што е вградено во цената на нафтените деривати денеска.

Но, како што видовме, трошоците во однос на набавната цена учествуваат само со помалку од 19% (поверојатно е околу 10%), така што факторот трошоци и плати многу не можел да влијае. Така доаѓаме до вториот фактор, акцизите, царините и даноците. Најверојатно во 2008 година нафтените деривати биле ослободени од акцизи, а ДДВ-то било намалено, евентуално биле ограничени и производствената и трговската маржа, па тогашните малопродажни цени биле пониски од денешните.

Денеска немаме голем маневарски простор за намалување на цените. Доколку властите сакаат да ги намалат, потребно е намалување на царината, акцизите и ДДВ-то, како и ограничување на производната и трговската маржа, ако тоа воопшто е можно. Но, намалувањето на јавните приходи негативно ќе се одрази на многу други полиња (јавната потрошувачка, платите на наставниците и друго), а производителите и трговците можат да решат да стават катанец на врата, па така ограничувањето може да биде само минимално. Цената на бензинот евентуално би можела да се намали до околу 80 денари по литар, но не и многу повеќе.