Земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала потресе дел од заливот на Сан Франциско и нема извештаи за повредени или поголема материјална штета, соопшти денеска Геолошкиот институт на САД.

Земјотресот е регистриран денеска во 7 часот и 2 минути на околу 4,8 километри северозападно од Сан Франциско на длабочина од 19 километри. Афтершок со јачина од 2,5 степени според Рихтеровата скала со центар во истата област на раседот Сан Андреас се случи малку подоцна во 9:39 часот.

Градоначалникот Даниел Лури рече дека службите за итни случаи проверуваат дали има штета.

Денешниот земјотрес беше потсетник да се подготват залихи за итни случаи и да се направат планови во случај на голем, разорен земјотрес, соопшти Одделот за вонредни состојби во Сан Франциско.

Раседот Сан Андреас долго време се смета за еден од најопасните земјотресни раседи поради неговата должина. Долг речиси 1.287 километри, ја пресекува Калифорнија и е одговорен за некои од најголемите земјотреси во историјата.

Еве ги сведоштвата на луѓето од сајтот ЕМСЦ: „Еден голем удар“, „Ме разбуди. Креветот силно се тресеше, а прозорците штракаа“, „Целата зграда се тресеше напред-назад доста интензивно, 2-3 пати“, Беше како воз да поминува покрај тебе“.