Како плаќањето за гас во рубљи наместо евра ќе влијае врз Македонија? Познавачите тврдат дека менувањето на валутата сама по себе не е проблем, туку како земјите преку кои доаѓа гасот до нас ќе одговорат на новите услови, анализира Канал 5 телевизија.

Професорот Трајко Славески ја посочи Бугарија која засега не отстапува од купувањето гас во евра, па постои опасност испораката целосно да прекине.

„Утрово имаше една изјава на господинот Песков, гласноговорник на Кремљ кој што ја опоменува Бугарија дека сакале или не ќе мора да плаќаат со рубљи. Ова малку можеби загрижува. Во нашата ситуација не е јасно затоа што преку Бугарија доаѓа нашиот природен гас. Но тука не сме единствени, голем број на субјекти низ Европа се збунети како ќе се развиваат работите затоа што има и правни прашања кои што ќе треба да се расчистуваат. Би било најлошо ако прекине испораката на гас од Бугарија.“-Трајко Славески.

Според Славески, со ваквиот потег Москва сака да ги доведе европските земји во искушение да мораат да тргнат дел од санкциите а во исто време да го стабилизира курсот на рубљата во однос на еврото и доларот.

По најавите за промените во наплатата, цената на природниот гас на берзите се зголеми за 30 отсто. Европските земји ги калкулираат последиците а експертите сметаат дек исходот би бил ембарго од Западот.

Австриската групација за нафта и гас веќе се огласи дека ќе продолжи гасот да го купува во евра. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба кажа дека ако земјите-членки на Унијата го прифатат барањето на Путин – тоа ќе значи поддршка на руската агресија врз Украина.

Рускиот претседател Путин вчера истакна дека за продажба на гас ќе бара плаќање во рубљи од сите земји кои се во листата на непријатели, на која се наоѓа и Македонија.

Тамошното министерство за финансии и руската централна банка имаат една недела да ги утврдат новите процедури со кои увозниците на гориво ќе купуваат рубљи на домашниот пазар а на владата и е наложено да издаде соодветна директива до „Гаспром“ за измени во постоечките договори.