Од утре се очекува драстично поскапување на горивата. Ќе поскапат и за 10 денари бидејќи Владата не ја продолжи мерката за намалено ДДВ од 18 на 10 отсто и се враќа акцизата.

Според ова, 98 октанскиот бензин би требало да биде 106 денари, еуросупер 95 – 104 денари, дизелот 95 денари и екстра лесното масло за горење 93,5 денари.

Владата одржа седница, но на неа не станало збор за пролонгирање на антикризните мерки.

Ова би значело поскапување на лебот, брашното и млекото за 5 до 6 денари, како и на маслото за јадење и до 10 денари.

Ќе следува и доплонително поскапување во наредните денови, но не само на овие туку и на сите останати производи зашто освен враќањето на ДДВ-то и на маржите, на крајните цени ќе влијаат и поскапените енергенси и други сировини.

Компаниите признаваат дека ќе мора да стават нови покачени цени за финалните производи. Од Агро- Бизнис комората во неколку наврати порачуваат дека се потребни мерки како активирање на стоковите резерви и субвенции за електрична енергија.

Активирање на стоковите резерви коишто ги има државата со соодветно ниски цени коишто ќе овозможат цените на финалниот производ да се стабилизираат и да бидат со пониски цени. Втората мерка е субвенционирање на електричната енергија цената на потрошувачите кои се на регулиран пазар со електрична енергија. Компаниите си прават калкулации, го имаат во предвид осиромашувањето на граѓаните и животниот стандард затоа и покачувањата не се 100 проценти . Секоја компанија ќе калкулира до каде може да оди, вели Горан Ѓорѓиевски претседател на Агро- бизнис комора.

Според Државниот завод за статистика течните горива веќе се поскапени за 53,5% споредено со април 2021 година, а храната за речиси 15%. Македонија се соочува со најголемата инфлација од почетокот на 90-те години.