Зовриената политичка ситуација може малку и да се олади. Причина – најголем дел од државниот врв и политичарите заминуваат на годишни одмори.
Од Охрид, преку Хрватска до Италија. Ова се дел од дестинациите каде македонскиот политички и државен врв ќе го помине својот летен одмор.
Дел од нив ги прават последните подготовки, за по завршувањето на работните обврски да отпатуваат, најчесто со своите семејства.
Најголем дел од политичарите одморот ќе го користат по чествувањето на еден од најголемите државни празници, Илинден.
Шефот на државата, за разлика од лани кога беше во Англија, оваа година ќе оди во Италија. Пет дена, заедно со своето семејствоч
Неколкудневен одмор ќе користи и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Иако точната дестинација не е позната, тој по завршувањето на работните обврски, заедно со семејството ќе замине во странство.
Јадранот или „наше море“ е омилена дестинација за директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Првиот човек на УЈП својот одмор ќе го искористи на плажите во Хрватска. Од друга страна, Мицкоски, исто како и минатата година, оддишка од секојдневните партиски активности ќе побара во Црна Гора.
Како што вели првиот опозиционер, Црна Гора е пријателска и слична држава како и нашата, притоа додавајќи дека не сака да ја наруши семејната традиција за летување во оваа земја.
Неговиот партиски колега пак, Александар Николоски не се дели од својот роден Охрид и со семејство ќе здивнат во балканскиот Ерусалим.
Освен Мицкоски, Лукаревска и Пендаровски, надвор од Македонија во август, ќе полни батерии и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, заедно со своето семејство.
Има и такви кои нема да летуваат. Градоначалничката на главниот град Скопје, Данела Арсовска ќе остане во земјава и како што вели, работно ќе го помине летото за доброто на метрополата.