Македонската фудбалска репрезентација остана без својот капитен, Стефан Ристовски кој соопшти дека во наредниот период нема да настапува за Македонија, една од причините е и кавга со актуелниот селектор, Благоја Милевски.

Повлекувањето на Ристовски е само уште еден доказ дека во македонската репрезентација владее вистински хаос кој кулминираше со срамниот пораз од Англија. Сега само ги гледаме последиците кои доаѓаат.

„Сакам да ја известам целата македонска јавност и сите медиуми, дека за доброто на репрезентацијата во наредниот период сакам да се повлечам од македонската фудбалска репрезентација“, вели Ристовски.

„Ќе бидам искрен и краток. Во професионалниот фудбал не треба само да истрчаш на зелениот терен. До успех се доаѓа со план, визија, идеја, сплотеност, услови и почит кон секој репрезентативец за на крај да оствариш успех“.

„За македонската репрезентација секогаш сум играл и сум се борел со цело срце, искреност и љубов како во соблекувалната и на терен, така и надвор од него. И покрај сите мои напори и вложувања гледам дека во репрезентацијата работите одат во погрешна насока, што го покажуваат и резултатите“.

„Односот меѓу мене и сегашниот селектор Благоја Милевски не е во најдобар ред за што лично сме разговарале и му бидло предочено од моја страна како капитен, за се она што се случува во и околу репрезентацијата“.

„На играчите им посакувам среќа и успех во наредниот период. Им благодарам на сите навивачи и целата македонска јавност кои безрезервно не бодреа на сите натпревари на кои ги браневме боите на Македонија“.