Ќе се поништат ли склучените бракови во Штип? Оваа дилема ја наметна претседателката на Советот на Општината Штип, Весна Кожинкова – Карагунова, која ги искара своите колеги советници дека со своето однесување, во прашање ги доведуваат склучените бракови во изминатиот период, објави порталот ММС.
Како што рече, на нејзина адреса се упатени сериозни забелешки од Матичната служба за однесувањето на некои од членовите на Советот на општина Штип, поради што најави дека ќе ги именува, ако продолжат така.
Проблемот е што некои од советниците не се појавиле на закажаните регистрации на новите брачни двојки, со што како што рече претседателката Кожинкова – Карагунова, браковите може да бидат поништени.
-Советникот го склучува бракот, не матичарот. Дали сте свесни дека со неприсуството на советникот, може да биде поништен тој брак?! Одговорноста е на советикот којшто не се појавил, рече Кожинкова – Карагунова.
Советниците имаат распоред на дежурства за склучување на бракови, но во овој состав, за разлика од порано, склучувањето на бракови не се плаќа и е граѓанска должност на избраните советници.