Не треба да се укине „недела неработен ден“, но некои дејности треба да се ослободат, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Дали во Економско-социјалниот совет разговарате и за ревизија на законското решение за „недела неработен ден“? Ќе има ли воопшто ревизија?

И тука има спротивставени страни. Работодавачите бараат да се укине „недела неработен ден“, но од друга страна ги имаме синдикатите кои бараат да остане така како што е. Одредени дејности на занаетчии, од коморите итн., бараат одредени дејности ние да ги ослободиме од недела да биде неработен ден. Така што, оваа тема се отвора во рамки на Економско-социјалниот совет. Секој месец се одржува по една седница и ќе видиме кои дејности треба да ги ослободиме за да може да ги вршат своите задачи и да имаат повеќе производи.

Вам како министер и воопшто како Влада, во која насока ви се размислувањата? Треба ли да има ревизија?

Одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да може во недела да работат, но не да се укине целосно „недела неработен ден“. Да остане така како што е, но одредени дејности да ги ослободиме да може да работат. Да направиме некои измени.