По нешто повеќе од два месеци, Општинскиот суд во Мостар го потврди обвинението на Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК) против Н.К.(38), јавуваат босанските медиуми.
Според обвинението, овој маж од Мостар се товари за повеќе кривични дела истовремено и тоа нанесување лесни телесни повреди, неовластено оптичко снимање и загрозување на сигурноста. Покрај овие дела од Кривичниот законик на ФБиХ, односно членовите 173, 189 и 183, во обвинението се цитира и член 29 од Законот на БиХ за родова еднаквост.
Тој во текот на истрагата признал се’
Тој беше уапсен на 23 ноември минатата година од припадници на Федералната полициска управа (ФУП), откако неговата поранешна девојка која неколку месеци ја малтретирал, против него поднесе кривична пријава до Кантоналното обвинителство.
Во текот на истрагата, тој признал дека во еден момент додека бил во љубовна врска со жртвата, на група на Вибер објавил снимки од сексуална содржина, кои ги направил без нејзина согласност.
Исто така, без нејзино знаење ги снимал нивните разговори, при што ја замолил да му ги признае сомнежите дека го изневерувала додека биле во љубовна врска.
Тој од љубомора во еден момент физички ја нападнал девојката и и’ се заканувал. Иако ваквото малтретирање траело неколку месеци, девојката и покрај исклучително тешката психичка состојба успеала да се соземе и против него поднесе кривична пријава.
Неговиот мерцедес запален
Два дена по апсењето, на паркингот во близина на зградата на „Електропривреда ХЖБ“ во мостарската населба Рудник, чиј вработен е Н.К., бил запален неговиот автомобил „мерцедес“.
Подметнатиот пожар се случил додека бил под кривична истрага, а полицијата и Обвинителството се уште го истражуваат овој случај.