Огромен пожар се шири над градот Кочани, Зафатени се шуми, но и бандери. Жителите бараат помош од институциите и граѓаните, а се обидуваат пожарот и сами да го изгаснат.

Како што јавуваат дел од медиумите, противпожарни возила се веќе на терен, а во гаснењето на пожарот се вклучени и граѓани.

Според тврдења на мештаните во Белско маало, пожарот зафатил и стари куќи. Исто така кажуваат дека на терен е многу страшно и дека се слушаат и силни експлозии предизвикани од огнот.

Вечерва се огласи и скопскиот градоначалник Петре Шилегов со најава за помош од скопската противпожарна бригада.

„Во моментов 3 екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје (15 пожарникари и 3 возила) се упатуваат да помогнат на граѓаните на Кочани и ќе се стават на располагање на тамошните служби. Екипата на пожарникари е надополнета со 6 возила (цистерни) за дотур на виод од скопските комунални претпријатија“, информира Шилегов.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) пак, упатија апел до сите граѓани да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат дирекцијата за пожари на територијата на земјата.

Ситуацијата со пожарот во Кочани е критична, зафатени се неколку куќи, пожарот навлегува накај градот, вели директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Тој вели дека на терен покрај пожарните бригади се и екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, а испратени се и војници од Армијата.