Возилото е клучно за МВР да дојде до сознанието дека исчезнувањето на велешанецот Панче Жежовски на Вања се поврзани. По неговото опожарување, осомничените, според сознанија на ТЕЛМА и КОД, повторно се вратиле по истиот пат преку Бразда накај Горно Оризари. Но, не влегле во селото, туку продолжиле по импровизиран пат. Таму се упатиле со една цел, да го закопаат телото на Вања.
Телото е закопано на ридот кој е на иста воздушна линија со местото во атарот на селото Бразда каде е запален Цитроенот. Не се гледа нивата оттаму, но чадот тогаш бил видлив.
Видливо е и неодамнешното присуство на луѓе тука. Има свежи отпушоци од цигари, отпечатоци од кондури, а и отпадоци со рок на траење до 15 декември кои докажуваат дека група на луѓе била присутна на местото.
Два пиштоли се најдени. Се уште не се знае дали се поврзани со убиствата. Од Палевски на 5 мај годинава во непосредна близина на тунели Демир Капија-Јаворица е одземен пиштол Валтер калибар 9 мм, кој го носел без дозвола. Тогаш тој според записникот на полицијата бил во друштво со останатите тројца осомничени.
Мотивот засега е продаден стан од страна на мајката на Вања, Зорица во Капиштец, а според сознанијата на КОД, се претпоставува и за уште 4 нејзини станови. Дали навистина тоа е позадината и другите детали ќе треба да ги каже креаторот и планер, главeн координатор и директен извршител Љупчо Палевски Палчо кој избега во Турција, но неговите денови до враќањето во Скопје и соочување со правдата сепак се одбројани.