Седум ликвидации се разрешени во последната акција против припадници на нарко-кланот Беланоца/Барон. Така тврдат истражните органи, но засега не објавија детали за кои точно убиства станува збор.
Според официјални информации, за ликвидација се плаќало помеѓу 10.000 и 250.000 евра
Сител од полициски и обвинителски извори ги дозна убиствата кои се опфатени во големата акција. Првото е уште во 2014 година, едно во 2020, по две во 2021 и 2023 година, и последната ликвидација се случи летово.
27.02.2014 – Ченто Н: Ликвидација на Ибраим Исмаили – одмазда за убиството на Џељал Ајети – Џељо
Ликвидацијата на Ибраим Исмаили од 27 февруари 2014 година е прво во низата убиства. Двајца маскирани напаѓачи пукале во паркиран „мерцедес“ во кој седел Исамили. Ликвидацијата е одмазда за убиството на Џељал Ајети – Џељо кое се случи една година претходно.
Инџиково – ликвидација пред очите на неговата сопруга
13 август 2020 година. Двајца маскирани со оружје упаѓаат во куќа во скопско Инџиково. Пред очите на неговата сопруга го ликвидираат 49-годишниот Ибраим Ајдини и бегаат во непознат правец. За случајот прво се пишуваше дека наводно е неуспешен обид за грабеж, но според информации на Сител станува збор за нарушени фамилијарни односи.
Двојното убиство во Топанско Поле
Убиството на 24 и 28 годишните Африм Бериша и Бурим Вардари во Топанско поле. Автомобилот „цитроен“ во кој се возеле беше изрешетан на 5 март 2021 година.
Двојното убиство во Шиша Бар
Групата се сомничи и за извршување на двојното убиство во Шиша Бар во старата скопска чаршија на двајцата наркобосови од „Дуќанџик“, Јетон Кривањева Жила и Енес Исеинов-Љаци на 06 март 2023 година. Четворица мажи, маскирани во црна облека и фантомки на 6 март во кафулето се претставиле како полицајци и на вториот кат пукаа во главите и телата на двајцата наркобосови.
Изрешетан Камер Идризи со 80 куршуми
Само два месеци подоцна, на 12 мај 2021 во Бутел со 90 куршуми беше изрешетано возило „голф“. Во возилото беа Камер Идризи и неговиот внук. Идзири им подлегна на повредите, неговиот внук заврши со тешки повреди.
Идризи беше едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар Палас“ во 2019 кога маскирани лица со автоматско оружје отворија оган, но ги спречил полицаец во цивил, кој во моментот не бил на должност.
Ликвидацијата на Орхан Бајрами-Оки на Халкидики
Две маскирани лица со фантомки на 15 јули 2023 година со мотор пристигнале до вилата која ја користел Орхан Бајрами-Оки заедно со неговиот пријател Сеад Слезовиќ на Халкдики. Убиството било добро испланирано, а напаѓачите ја знаеле рутата на движење на двете жртви. Испукани биле десетина куршуми. Оки загина, а Слезовиќ заврши со тешки телесни повреди.
Осомничениот за ова убиство е веќе во притвор во Шутка од август лани. Станува збор за повратник од Сирија, а неговото име се споменува и за ликвидацијата во Шиша Бар.
Двојното убиство во Батинци
Последното во низата е убиството на две лица во Батинци. Врз нив било пукано од двајца маскирани и вооружени додека се возеле во „форд“ со странски регистарски таблички.
За овој случај, помалку од еден месец подоцна, МВР поднесе кривична пријава против две лица, но тие не се уапсени, туку сѐ уште се во бегство.
Во седумте ликвидации убиени беа вкупно 10 луѓе. Според наши информации, извршителите на убиствата се повратници од боиштата во Сирија.