Оваа грејна сезона се чини дека дрвата за огрев не се првиот избор на граѓаните за загревање на домовите.
Како што може да се забележи на повеќе стоваришта во Скопје, купиштата дрва останале недопрени.
Во стовариштето во Ѓорче Петров, каде што со години се продаваат огревни материјали, велат дека ова е една од најслабите сезони.
Најслаба продажба во последните години
„Оваа година продадовме најмалку дрва за огрев. Интересот на граѓаните значително е намален, иако цената на дрвото е значително пониска од лани и од преклани“, изјави вработен во стовариштето.
Тој додава дека цените на дрвата се движат помеѓу 4.000 и 4.500 денари по кубен метар, што е за околу 20% пониско од претходните сезони.
„Луѓето повеќе се одлучуваат за алтернативни извори на огрев, како пелети, инвертер клими и електрични радијатори. И покрај тоа што дрвата се достапни и релативно евтини, побарувачката е најслаба во последните десет години“, вели тој.