Латинската буква Z стана симбол на руската агресија врз Украина.

Од почетокот на инвазијата се шпекулира што всушност значи таа буква на руските тенкови, а со текот на времето од руската пропагандна машинерија се исплетени многу митови за нејзиното “вистинско” значење. Владимир Путин преку ноќ претвори една обична буква во кошмар, чиј симбол стана олицетворение на крвава и разорна војна.

Z стана симбол за сите оние кои ја поддржуваат војната. Латинската буква Z стана првиот неформален, а потоа и официјален симбол на интервенцијата во Украина и знак на признание за сите оние кои се согласуваат со нападот на соседната земја. Руската ТВ станица РТ (Русија денес) која го поддржува Кремљ ја нарекува војната во Украина-“Операција Z”, а независниот руски портал Медуза, кој “емигрираше” во Латвија, дефиниран од руското Министерство за правда го опиша како “непријателски странски агент”, пишува дека сегашнoто значење на таа етикета e замисленo како пропаганден бренд.

Тоа е направено во канцеларијата на главниот уредник на RT, Маргарита Симонјан – која се наоѓа на листата на санкционирани, чија ќерка живее и студира во САД. Тој знак беше одобрен од министерот за одбрана Сергеј Шојгу, а наводно се согласил и самиот Владимир Путин. Веќе на вториот ден од војната, 26 февруари (војната започна на 24 февруари), во онлајн “продавницата” на RT можеа да се купат голем број производи од Z.

Но, вистинското значење е всушност прилично банално, но потоа се промени во пропагандно-митолошки контекст, како симбол што ја персонифицира лојалноста и поддршката за војната. Буквата Z во првобитното значење е само ознака на тенкови и опрема што и припаѓаат на руската армија од западниот воен округ (V е од источниот, триаголникот е за јужниот и дијагоналната линија е за централниот воен округ). Сега се тврди дека Z всушност значи паролите За – победа, За – правда, За – Путин. Затоа, на латинската буква Z сега и се дава речиси свето, дури и сакрално значење, кое станува недопирливо.

Не само што е испишува на тенковите и воени возила кои ги уништуваат украинските градови, туку стана еден од најважните печати и заштитни знаци на руската инвазија на Украина, па затоа се испишува на возила за јавен превоз, на џамбо билборди, на кошули и чаши, па дури и како знак на на патриотските и режимски јајца од кокошки во продавниците со ознака “За – победа”.

Поборниците на војната ја залепија на своите автомобили, дури и пациентите и лекарите во градот Казан со своите тела ја напишаа таа буква во дворот на детската болница. Полицајците кои брутално ги разбиваат антивоените демонстрации низ Русија, почнаа да ја ставаат на шлемовите, а ја испишуваат на вратите од становите на неподобните јавни личности кои не ја поддржуваат војната. Руските војници кои се борат во Украина веќе се именувани како- генерација Z.

Познатиот руски филмски критичар Антон Долин ја напушти Русија кога, како човек кој јавно се изјасни против војната, кога на влезната врата од неговиот стан беше напишана буквата Z, осудувајќи го како несоодветен и сомнителен елемент.

Медиумите се повеќе ги охрабруваат граѓаните да ја истакнат буквата Z на нивните прозорци, автомобили и облека, додека прорежимските медиуми, институции и поединци се обидуваат да покажат лојалност кон владата и нејзината воена авантура. Така, профилот на социјалните мрежи на радикалното православно движење Сорок Сороков – тоа е термин што значи “обединување на сите московски храмови” – сега се нарекува Зорок Зороков. Сепак, некои, како што пишува Медуза, изразуваат незадоволство од ознаката Z бидејќи ја гледаат како реклама за украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека други повторно ја читаат како “Z-заврши со Зеленски”.