Џенана Ондер, чиј татко и брат, Џенгиз и Денис Ондер беа убиени од Нермин Сулејмановиќ во крвавиот пир во Градачац на 11-ти август за првпат се огласи во медиумите. Во нападот тешко е ранета и мајката на Џенана, Хариса. Џенана освен траумите и загубите кои ги доживеа, посебно ја потресе и информацијата по трагедијата за нејзината наводна врска со убиецот Сулејмановиќ.

Таа за Аваз вели дека е вистина дека го познавала Нермин Сулејмановиќ.

„Да, точно е, го познавав убиецот. Цел град го знаеше, Градачац е мало место“, ја започнала својата приказна оваа 24-годишна жена. Таа вели дека нејзиниот татко прекинал се на почетокот.

“Неколку пати во животот го видов Нермин, но никогаш не сум имала контакт со него. Фала му на Алах за тоа. По волја на Алах, татко ми го спречи тоа навреме”, вели Џенана.

Нермин ограбил повеќе од 50.000 евра

Револтирана од бројните медиумски извештаи за наводно земање пари и бегство со убиецот, Џенана вели дека тоа е лага.

„Нермин го ограби моето семејство во септември 2015 година, од семејниот дом украде 54.200 евра и поради тоа татко ми во следните осум години имаше правен спор со него. Тој на последното судење призна некои работи, но тоа се уште не е заклучено. Веројатно знаел дека ќе оди во затвор, па тој тргнал по нив“, вели Џенана.

Таа вели дека е револтирана бидејќи „во медиумите се обидуваат да ги сокријат грешките и пропустите на властите со објавување во јавноста на некои изјави, полуинформации и апсолутни лаги на наводни пријатели на нивното семејство за потенцијалните мотиви на убиство“.

„Никој не ја спомнува болката на мајка ми, која се уште е во болницата во Тузла, во критична состојба, која за еден ден ги загуби сопругот и синот, а самата за малку ќе им подлегнеше на раните што и ги нанесе Сулејмановиќ. Замислете колку е тешко да и се каже на една мајка дека синот и е убиен, а отишол на појадок со другарка. Таа со свои очи го видела убиството на сопругот, сликата ја прогонува и многу и отежнува да се опорави поради болката и стресот што го трпи заедно со болката од раните што ги доби од куршуми. Никој не ја спомнува мојата болка, живеам во страв да не го изгубам единствениот преостанат член од семејството. За еден ден ги изгубив татко ми, брат ми , а во опасност е и животот на мајка ми“, вели Џенана.

Сите зборуваат за фемицид, брат ми е убиен сосема невин

Таа наведува дека „цела земја зборува за фемицид“, нагласувајќи ја нејзината огорченост бидејќи никој не го споменува нејзиниот брат Денис, убиен на дваесет и три години, кој никогаш не направил никаков прекршок, ниту го познавал убиецот, ниту пак имал контакт со него.

„Денис беше амбициозен човек, софтверски инженер, хуманитарец, кој никогаш немаше лутина кон никого. Отвори компанија во Брчко. Работеше на големи проекти за американските училишни системи. Беше многу приврзан за семејството планирајќи да се ожени, пред еден месец купил стан во центарот на градот за да биде блиску до неговите родители“, вели Џенана.

Сите знаеја дека Нермин е насилник и психопат

Нејзиниот татко, Џенгиз, бил семеен човек и многу успешен бизнисмен. Без никакви пороци, вели Џенана, и немал никакви судири со законот.

„Никогаш не предизвикал инциденти, ниту на кој било начин го испровоцирал убиецот“, посочува Џенана Ондер, која при доаѓањето во Градачац го видела татко си мртов во дворот.

„Конечно, сите во градот знаеја дека Нермин е силеџија, психопат… Секогаш беше, не стана одеднаш сето тоа. Имаше многу кривични дела и малку кривични пријави. Имаше кривични пријави, но без пресуди. Го штитеа од затвор. Не ме интересираат ниту начините на кои е направено тоа, ниту тој ме интересира. Никој не може да ми го врати семејството. Но секако можеме да ја вратиме честа и угледот. За волја на вистината!“, заклучува Џенана Ондер за Аваз.

Да потсетиме, покрај Денис и Џенгиз Ондер, Нермин ја уби и својата невенчана сопруга Низама Хеќимовиќ пред очите на нивната деветмесечна ќерка пренесувајќи се на Инстаграм.