Не е важно што ќе се случи со мене. Најважно за мене е детето целосно да закрепне и да нема последици. Од моментот кога се случи несреќата, не престанувам да размислувам за тоа девојче и да се молам за нејзиното здравје. Не би можел да поднесам да и се случи нешто полошо.

Ова го кажа Драгомир Х. (72), возачот на градски автобус кој на 24 септември влета во детски парк во Земун со автобус на линијата 45 и тешко повреди девојче (2). Откако истрагата беше завршена, одредено му беше задржување, а потоа и притвор, кој му беше укинат минатата недела.

Ја прифаќа казната

– Нема да бегам од одговорност. Ако судот одлучи дека сум виновен, ќе ја прифатам казната, каква и да е. Објаснив што се случи во конкретниот случај. Камо среќа никогаш да не се случеше вакво нешто, вели тој и продолжува:

– Го кажав секој детал. Не можев да закочам, не знам од која причина. Автобусот доби забрзување. Откако ги удрив возилата, моторот се уште работеше. Клучот не реагираше. Се обидов да ги отворам сите врати, но се отвори само последната.

Драгомир Х. по несреќата вели дека отишол во диспечерската куќичка.

– Се симнав од автобус и одеднаш слушнав врева, крик. Се плашев дека ќе ме нападнат, па истрчав 200 метри подалеку, до диспечерот, и во исто време да ги известам за несреќата – вели возачот и додава дека не може со зборови да го опише шокот што го преживеал. Како што објасни, тој работел на таа линија цели шест години.

Се распрашувал за девојчето

– Јас сум возач повеќе од 50 години, за првпат се сретнав со оваа ситуација. Не знам што да кажам – вели Драгомир и додава дека веќе некое време е во пензија, но дека чувствува дека сепак може да вози, и дека му требаат повеќе пари. Драгомир вели дека цело време се распрашувал за состојбата на девојчето.

– Имам внуци и не можам ни да замислам низ што поминало нејзиното семејство – изјави Драгомир Х.

Шестмина беа повредени

Шест лица беа повредени во несреќата што се случи пред три недели. Петмина од нив биле во автобусот и за среќа се здобиле со полесни повреди, додека девојчето (2), кое било во паркот, било тешко повредено. Таа била оперирана во болницата, но во меѓувреме била пуштена на домашно лекување.

Адвокатот се сомнева во експертизата

Адвокатот Небојша Милосављевиќ, бранител на Драгомир Х., вели дека ќе ангажира свои експерти кои ќе одредат како се случила несреќата. Да потсетиме, според официјалните информации, возилото било исправно.

– Се сомневам во експертизата на автобусот што беше направена. Од таа причина, ќе ангажираме судски тим експерти за да ја утврди вистината – рече Милосављевиќ.