Денешниот билтен на МВР е преполн со инциденти во кои сопрузи или дечковци или бивши партнери сакале насилно да ја решат својата немоќ да ги средат работите. На новогодишната ноќ настрадале многу девојки, сопруги, поранешни партнерки од Скопје, Свети Николе, Гостивар, Куманово…
Еве го sамо овој дел од билтенот на МВР:
На 31 декември во 21.10 часот 38 годишна жена пријавила дека во домот во Гостивар била физички нападната од нејзиниот сопруг Ф.Х. (40).
Истиот ден во гостиварско село полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода С.Б. (42) поради тоа што во домот физички ја нападнал неговата 37-годишна сопруга.
15 минути пред полноќ било пријавено дека во Свети Николе во домот С.И. (26) од Свети Николе физички ја нападнал неговата 27- годишна сопруга.
Рано утрово во СВР Скопје, 39- годишна жена од Скопје пријавила дека пред угостителски објект во населбата Илинден била физички нападната од нејзиниот партнер Д.Н. (38) од Скопје.
Денеска полицајци од Карпош го привеле Б.М.Ѓ. (37) од Скопје, поради тоа што на 31 декември ја нападнал неговата 36- годишна поранешна вонбрачна партнерка.
Во Скопје рано утрово М.К. (20) од Куманово пријавила дека пред угостителски објект на подрачјето на Карпош била физички нападната од И.Г. (22) од Скопје.
41 годишна жена утрово пријавила дека на 31 декември околу 23 часот во угостителски објект на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од нејзиниот партнер А.Т.
За сите ови случаи МВР соопштува дека презема мерки за расчистување.