– Нашата цел да составиме стабилна Влада, со јасни принципи на делување во интерес на граѓаните и државата е исполнета. Задоволен сум како течеше целиот процес, во позитивна и конструктивна атмосфера, посветени на одговорноста за подобра иднина на сите наши граѓани. Денеска со одлуките на Централниот одбор на СДСМ се заокружи овој процес. – рече денеска новиот мандатар Димитар Ковачевски, кој најави и драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании, како и просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно.
За министри од редовите на СДСМ во новата влада кои ќе ги достави до Собранието се:
– Вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, магистер по математички науки.
– Вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, актуелен вицепремиер
– Вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда, магистрант по меѓународно и европско право.
– Министерка за одбрана, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ, поранешна заменик-министерка за внатрешни работи во техничката влада.
– Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој и досега ја извршуваше оваа функција, магистрант по уставно право.
– Министер за правда, Никола Тупанчевски, познат професор на Правниот факултет.
– Министер за земјоделство, Љупчо Николовски, поранешен министер во овој ресор.
– Министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, магистар по социолошки науки, членка на повеќе меѓународни тела, директорка на Државниот инспекторат за труд.
– За министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ, Доктор на науки, професорка на Педагошки факултет.
– Министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, актуелен министер, поранешен градоначалник, дипломиран архитект.
Од сите нив Ковачевски очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното. Составот на новата Влада и владината програма, тој утре ќе ги доставаи до Собранието на Република Северна Македонија.