За војната во Украина и последиците што ги носи, премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за „То вима“, вели дека силно ја осудува руската инвазија, а војната треба веднаш да запре истакнувајќи дека „во 21 век разликите се решаваат на цивилизиран начин“. Ковачевски додава дека во време на глобализација и меѓусебна поврзаност „ниту една земја не е изолирана и сите сме повеќе или помалку поврзани и ги трпиме последиците“, а Македонија не е исклучок .
Ковачевски објаснува дека Владата подготвено и веднаш реагирала за справување со ценовните шокови со над 600 милиони евра мерки за помош на граѓаните и ранливите категории. Во однос на енергетската криза, вели дека Македонија како и други земји од Западен Балкан ќе бидат вклучени во платформата за заедничка набавка на течен природен гас (LNG) и водород, по заедничкиот договор САД-ЕУ, истакнувајќи дека солидарноста во време на глобален предизвик за нас е исклучително важна.
Нашата соработка со Грција за диверзификацијата е уште едно важно прашање. Двете Влади потпишаа договор за развој на интерконектор за гасовод. Причината за изградбата е зајакнување на односите меѓу Грција, Македонија и ЕУ, олеснување на трговијата со природен гас меѓу двете земји и олеснување на натамошниот развој на мрежата за пренос на гас во нашата земја. Една од предностите на гасоводот е сигурноста на снабдувањето и ликвидноста на пазарот, како и снабдувањето со гас од Јужниот коридор. Изградбата ќе започне годинава, согласно процедурите. Дополнително, ќе се зајакне нашата енергетска инфраструктура и долгорочната стабилност на снабдувањето, а ќе се намалат трошоците за граѓаните и бизнисите, бидејќи ќе имаат пристап до поевтина енергија – вели Ковачевски за „То вима“.