Владата размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека според него тоа е иднината и дека ќе бидеме меѓу првите земји во регионот кои тоа ќе го направат.
– Сакаме сето тоа легално да го канализираме во рамки на законот, но има премногу работи што треба претходно да се усогласат и тоа и го правиме – ги усогласуваме тие работи за да дојдеме до финалниот производ. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, такво нешто да направиме. Како ќе функционира, ќе видиме, но тоа по мене е иднината, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција посветена на новогодишната кошничка.
Во однос на странските инвестиции, Мицкоски го повтори ставот дека очекува за првпат да биде пробиена бариерата од една милијарда евра директни странски инвестиции.
– Заклучно со третиот квартал се 838 милиони евра, а до крајот на годината очекувам уште најмалку две инвестиции, а можеби и дополнителни две ќе објавиме што ќе биде добар сигнал и со што ќе бидеме меѓу водечките во регионот, ако не и водечки по глава на жител – рече Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.