Таткото на Вања и мајката на Вања се сосема нормални луѓе, градски, центарски, без гревови, без дроги, оружја, коцки, тепачки, скандали. Да, се развеле луѓето пред 5 години, кажа мајката вчера, живеат нормално, се грижат за децата заеднички, немаат конфликти кои би довеле до не знам какви последици, рече новинарот Драган Павловиќ Латас во синоќешното гостување на телевизија Алфа.
На констатација на водителот Богдан Илиевски – Бетмен дека „имаше тези дека имале проблеми со дрога, барем еден од нив“, Латас вели:
– Па после тоа дека имал долгови кај Палчо, пази кај Палчо имал долгови, кај Палчо, Палчо кој е гола вода во тоа време, тој имал долгови за дрога. Од цело Скопе, баш кај Палчо, баш кај полицискиот човек за кој цел град знае дека работи за полиција. Сето тоа се муабети, дрога, оружје, сексови, чуда, за во сметководство за да не збориме за полиција и за поврзаноста на Палчо со полиција, вели Латас.
Уплатив за стан кај Палчо 10.000 деолари, но брзо се повлеков
Новинарот во гостувањето рече дека веста за тоа дека Љупчо Палевски е главниот осомничен, ја дознал од полициски извори. Латас се потсети дека едно време и тој уплатил за стан од градежната компанја на Палевски, но бргу сфатил дека станува збор за измама.
– И јас уплатив стан кај Палчо, во Тифани, 10.000 долари, но брзо се повлеков, кога видов дека сум трет на списокот за истиот стан. Не сакаше да ми ги врати парите, по што го тужев и го добив на суд, по што повторно не ми ги врати парите. Ми даваше некоја камера, бетон ми даваше за замена. Потоа се фиксираше и за мене, како и за неколку други, се потсети Латас.
Тој во емисијата укажа на многу, според него, нелогичности, во водењето на истрагата за пронаоѓањето на малата Вања.
– Знаев дека е лудак, но вако нешто од него не очекував, рече новинарот во разговорот со Илиевски.