(vistina.com.mk) „Насмејте се, ќе се сликаме!“ – гласеше мотото на годинешнава „Златна Бубамара на популарноста“ и (како по обичај) некои станаа наградени, а некои останаа „насмеани“! Сега можат „само да се сликаат“ поединечно таму каде што својата популарност ја остваруваат и билдаат, зашто јавната валоризација на нивната работа остана „заборавена“!?

Вака некако го доживеаа доделувањето на наградите на „Златна бубамара 2024“ подкаст двоецот Стефан Лазаров – Зоки Фаци Василевски, чие јутјуб остварување насловено „Без лимит“ реално е најгледаниот подкаст во Македонија во последниве 365 дена.

Така барем говорат бројките и рејтинзите, кои и самиот Лазаров ги споделил на своите Инстаграм приказни. Дефакто „црно на бело“, а „пред фактите молчат и боговите“, арно ама ги премолчуваат оние на кои тоа не им одговара, па подкаст водителите беа „случајно заборавени“ да бидат наградени на последнава „Златна Бубамара“?

Од друга страна „Бубамарата“ во суштина е „приватна журка“, па соодвествено на тоа и нејзиниот сопственик, основач, организатор и неговата свита од екипата која ја подготвува, слободно може да си одлучува кој ќе се појави, кој ќе води, пее, кого ќе наградува… Иако, логично би било да има некаков кодекс, некакви критериуми, пропозиции и правила. Арно Ама, баце Ранко (Петровиќ) најдобро си знае кому што ќе му додели и даде, кого ќе го награди, удостои, увелича, медиумски поттурне, а кого… ќе го прескокне!?

И тука нема лутиш, оти нема зашто. Секој има право „на својата журка да си кани свои гости“, освен ако во „журката“ финансиски не партиципираме и сите ние, преку државата со парите од нашите даноци, како што е случајот и со годинешната „Златна Бубамара на популарноста 2024“ која не добила можеби кој знае колкава сума, но сепак – добила.

Е, тука веќе работите се менуваат, зашто „за наши пари“ не можеш да играш само „по свои правила“, туку сепак мора да се почитуваат фактите и објективните околности! Токму затоа Лазаров и Фаци беа толку револтирани, лути и нерасположени што биле „прескокнати и заборавени“, сметајќи дека и тоа како заслужиле годинава да се најдат меѓу сите наградени!

Револтот освен во “Без лимит“ поткастот дополнително го потврдија и на социјалните мрежи, каде Лзаров во своите Инстаграм приказни е дециден дека награди се добиваат по заслуга, а ако тие не заслужиле годинава да добијат една „Златна бубамара“, тогаш не знае кој? А, баце Ранко „случајно ги заборави“ или само блиските до себе ги есапи за „на ти го, дај ми го“ награди? Иако… „Редно е да има ред“, нели, како што гласеше еден од годинешните слогани на манифестацијата!

Можеби затоа јутјуберот „се закани“ дека на ниту една манифестација нема да се појави, затоа што според него се… „фејк“!

На крајот колку тажно и да почна, подкастот сепак заврши со иронична насмевка на Лазаров и сочен еротски бакнеж со порака од Фаци, упатени до…? Оние што треба си знаат, па сами ќе се препознаат!

А „Бубамарата“? Кој чека – ќе дочека… Или ќе се изначека. Некои и довека! (vistina.com.mk)