Инспириран од лажните објави кои се споделуваа на социјалните мрежи, а кои се однесуваа на киднапирање на деца, скопјанец лажно пријавил дека две лица со мерцедес се обиделе да киднапираат девојче. Вест дека пет лица, три жени и двајца мажи наводно киднапери на деца се движат низ Скопје, поточно во Батинци и дека веќе се обиделе да грабнат две девојчиња со молскавична брзина пред неколку дена се прошири на социјалните мрежи. Голем дел од граѓаните ја споделија и уште ја споделуваат информацијата на која има фотографии од лица за кои се апелира дека ако бидат видени треба да се пријават во полиција бидејќи, наводно се работело за киднапери. Министерството за внатрешни работи апелираше да не се наседнува на вакви лажни информации и да не се шири паника и додава дека полицијата ја гарантира безбедноста на граѓаните и на децата.

Од МВР соопштуваат дека полициски службеници од СВР Скопје вчера го привеле Џ.Г. (53) од Скопје поради лажно пријавување.

Тој, како што соопштија од МВР, пријавил дека наводно во Скопје две лица со комбе мерцедес се обиделе да грабнат малолетничка , но не успеале, при што, по добиената пријава, полициски службеници преземале соодветни мерки и активности и утврдиле дека пријавата е лажна, односно, нема таков случај.

Потоа, со пријавителот е извршен службен разговор во кој тој признал дека го измислил настанот, водејќи се од лажните објави кои деновиве се споделуваа на социјалните мрежи за наводни киднапери. Против Џ.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во официјално соопштение вечерва од МВР повикаа на внимателност со лажните информации кои шират паника и кои прават огромна штета.

„Граѓаните да не наседнуваат на дезинформации, полицијата ја гарантира безбедноста. Министерството за внатрешни работи ги демантира лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери. Нема ниту едно одземено дете, ниту било какви киднапери. Апелираме да не се шират дезинформации по социјалните мрежи кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните. Полицијата е присутна насекаде и ја гарантира безбедноста на граѓаните“, се вели во официјалното соопштение на МВР.