Во критична состојба е 46-годишната полицајка која беше тешко повредена додека била на должност, кога во раните утрински часови денеска била удрена од камион кој поминувал кај Агиос Николаос на Халкидики.
Според информациите, 46-годишната е интубирана, додека лекарите се борат да и го спасат окото, бидејќи поради траумата е во опасност да го загуби.
„ Биле пијани, се расправале и братучетка ми отишла да види што се случува. Интубирана е, ни кажаа дека може да го изгуби окото од ударот. Состојбата е многу сериозна. Се надевам дека се ќе биде добро. Многу е тешко “, изјави за грчките медиуми братучед на полицајката.
Полицајката, мајка на четири деца, првично била пренесена во болницата Полигирос каде и била оперирана, а потоа било оценето дека е неопходно да се пренесе во Солун.
Според полицијата, 46-годишната жена била дел од екипаж на патролно возило кое за време на патрола нешто пред 5 часот се нашло пред инцидент меѓу двајца млади возачи, 26-годишен и 33-годишен (кој почина), на провинцискиот пат Неа Муданија – Сарти.
46-годишната полицајка и нејзина колешка тргнале да посредуваат и да ги раздвојат двајцата возачи кои запреле со возилата на работ од коловозот.
Во тој момент на самото место поминал кобниот камион управуван од 62-годишен рибар и под околности што ги истражува полициската станица Ситонија, кој ги одвлекол 33-годишниот и полицајката. Првиот починал на лице место, додека полицајката со тешки повреди е однесена во болницата во Халкидики.
62-годишникот е приведен и против него е поднесена кривична пријава за убиство од небрежност и телесни повреди од небрежност. Тој бил тестиран за можна конзумација на алкохол но со негативен резултат.