Дарко Масларковски на својот официјален профил на Фејсбук вечерва објави мејл испратен до ЦК на Левица од членот на Президиумот на Левица и претседател на Советот на Општина Карпош од Левица, Бранко Ристов. Тој вели дека дава оставка од сите внатрепартиски функции. Ристов беше носител на листата на Левица во 4 ИЕ на парламентарните избори пред 4 години.
Во продолжение го пренесуваме неговиот став:
Давам оставка од сите внатрепартиски функции. Функционирањето на партијата преку бркање ПР пред политика, наместо обратно, и внатрепартиската кадровска структура ме донесе до заклучокот дека политичките цели на партијата на која посветив 8 години се најверојатно неостварливи. Оттаму не би сакал да посветам уште 8 за да ми се потврди мојот страв со што би пропуштил неповратно време кое би можел да го посветам на најблиските.
Оставката е со цел да се избегне потребата да се расправа за мојот статус во партијата. Не би сакал повторно президиумот да се деградира преку филување одлука во генерален став. Првичната верзија пред да биде пратена циркуларка дури вклучува дека “сум саботирал собирање потписи”. Ваљда меѓувреме виделе фб или нешто дека врска нема па преиначен е текстот во нешто за кое може да креативно да се толкува. Вака се што останува е ЦК да верификува.
Во случај некој да врти филмови за пучови и расколи…. Пуч согласно статутот на Левица е практично невозможен. Би знаел оти статутарните измени ги презентирав на првиот пленум. За раскол излишно е да коментирам оти партијата е во континуиран раскол веќе некоја година. Моето присуство нема да го реши ниту пак моето одсуство затоа што во змиско гнездо кога ќе снема глувци се што останува е змиите да се јадат меѓусебно.
Многу среќа понатаму. Тие што сте ми другари и другарки останувате за секогаш.
—
Бранко Ристов
Branko Ristov