За попладне и во текот на вечерта се очекува дополнително влошување на времето и уште пообилни врнежи. Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, апелираше до граѓаните да не ги напуштаат своите домови доколку не е неопходно
Силното невреме проследено со обилни врнежи од дожд речиси го потопи Дубровник. Градот е речиси целосно поплавен, автомобили „пливаат“ по улиците, а од шахтите се излева вода.
За кратко време наврнаа големи количества дожд, а попладне се очекува дополнително влошување на времето и уште пообилни врнежи, пишуваат хрватските медиуми.
Хидрометеоролошкиот завод на Хрватска предупреди дека поради големото количество на дожд, кое може да достигне повеќе од 60 милиметри на квадратен метар, можни се прекини во снабдувањето со електрична енергија, прекин на телекомуникациските мрежи и водоснабдувањето. Жителите се предупредени да се подготват за уште посилно невреме кое може да предизвика поголема штета.
„Можни се штети на имот и дрвја, локални поплави, налети на ветер и град, како и прекини во сообраќајот“, соопшти хрватскиот хидрометеоролошки завод.
По силното невреме кое го поплави градот, градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, апелираше граѓаните да не ги напуштаат домовите доколку немаат потреба.
„Сите итни служби се на терен. За жал, според најавите, во периодот од 15 до 23 часот очекуваме екстремни количества на врнежи кои ќе предизвикаат бројни проблеми, затоа ве молиме да не ги напуштате своите домови доколку не е неопходно. Нашите служби за итни случаи ќе помогнат во испумпувањето на водата од објектите, но во вакви екстремни услови невозможно е целосно да се спречат поплавите“, изјави градоначалникот на Дубровник.