Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека „малтретирањето на Белорусите“ во Украина може да го поттикне Минск да преземе „специјална операција“.
Лукашенко, кој истакна дека во Украина нема белоруски војници или оружје, бидејќи на Русија не и е потребна таква помош за нејзината „специјална операција“, рече дека Белорусите биле заробени на територијата на таа земја и тепани.
Претседателот на Белорусија нагласи дека ракети не летаат од територијата на неговата земја кон Украина.
– Во Украина нема ниту еден белоруски војник или куршум, изјави Лукашенко по гласањето на референдумот за промена на Уставот.
– Никој од нашите војници не е таму. Вчера му кажав на Макрон (претседателот на Франција) за тоа. Му реков дека таму нема наши војници… нема белоруски куршуми, рече Лукашенко.
– Не и треба помош на Русија таму, нагласи белорускиот лидер, додавајќи дека Русија има доволно сила да ги оствари своите намери.
Како што наведе, конфликтот што избувна во Украина може да се влоши и затоа војната мора да престане.
– Конфликтот што избувна во Украина не е ништо. Верувајте ми, знам што зборувам. Ако продолжи вака, ќе биде многу полошо. А тој (Зеленски) нема да се скрие во ниту еден бункер – ниту во американскиот, ниту во кој било друг. Затоа војната мора да се прекине денеска, истакна Лукашенко.
– Не би го нарекол сега војна, тоа е конфликт. За ден или два – ќе има војна, а за три дена – масакр, додаде тој.
Лукашенко рече дека „нема напади од територијата на Белорусија“.
– Дали им помагаме на Русите? Секако дека помагаме! Ако дојдат тешко ранети кај нас, ние ги лекуваме. А што е лошо во тоа?, рече шефот на државата.
Коментирајќи ја изјавата на Зеленски, Лукашенко истакна дека Белорусија отсекогаш се однесувала хумано кон Украинците. Тој додаде дека Белорусија секогаш им помагала на Украинците.
Според него, украинските власти треба да седнат на преговарачка маса доколку сакаат Украина да не ја изгуби субјективноста. Русија нема да се откаже од плановите за Украина, заклучи белорускиот претседател.