Поранешниот сопруг на Австралијка, на која во Тајван ѝ се заканува смртна казна откако во багажот ѝ е пронајден кокаин, тврди дека е невина и дека ја наместиле дилери на дрога, пишува Дејли мејл.

Деби Вулгарис (57) беше уапсена на меѓународниот аеродром Таојуан во декември, откако дрогата наводно била пронајдена во црни пластични кеси во куфери.

Тајванската полиција тврди дека таа носела 6,8 килограми од дрогата, но остро негирала дека е нејзина. Полицијата, исто така, тврди дека Деби подоцна рекла дека нејзиниот поранешен сопруг ѝ ги дал пакетите со дрога.

Но, Џон Вулгарис остро ги отфрли обвинувањата за австралискиот Дејли Меил, велејќи дека неговата сопруга е невина и дека целата приказна е „наместена“.

– Таа е навистина невина. Не наместија, ние немаме никаква врска со проклетата дрога, никогаш во животот не сме ја виделе ниту допреле, рече тој.

Џон Вулгарис, кој води компанија за заеми на станови, рече дека тој и неговата поранешна сопруга биле измамени од криминалци кои се претставувале како странски инвеститори.

Тој рече дека првпат ја запознал групата пред 16 години и дури бил со нив во банка во Тајван во 2007 година, по што останале во контакт. Неодамна, како што тврди, го контактирал нивниот адвокат во врска со нов деловен предлог.

– Подготвувавме странска инвестиција. Сакаа да инвестираат, јас им испратив три милиони долари од моите пари. Кога дознав за апсењето, се обидов да стапам во контакт со нив, но тие ги исклучија телефоните, рече тој, а потоа додаде:

– Таа не е виновна за ништо.

Адвокатот на Австралијката, Леон Хуанг, рече дека е клучно Џон Вулгарис да заземе став бидејќи тој е единствената личност која може да ги поткрепи нејзините тврдења.

Според тајванските властои, на Деби Вулгарис дрогата од прва категорија ѝ е врачена во Малезија околу 10 декември пред да полета за Тајван, објави ABC.

На Австралијката Деби, наводно, и биле платени 1.800 американски долари за да ја подигне дрогата заедно со трошоците за сместување и транспорт.

Чен По-Чуан, шеф на тајванската бригада за криминални истраги, рече дека уличната вредност на запленетата дрога е околу 1,25 милиони долари.

Според строгиот правен систем на Тајван, смртната казна останува легална – и покрај обидите да се укине. Смртната казна може да се изрече за долга листа на злосторства, вклучувајќи убиства, предавство, тероризам, екстремни случаи на силување и грабеж и трговија со дрога.

Иако Тајван проучувал други методи на егзекуција, како што е смртоносна инјекција, егзекуциите денес се вршат со стрелачки вод. Дури и да не биде осудена на смрт, Австралијката се соочува со најмалку пет години зад решетки, но и доживотен затвор.

Адвокатот Леон Хуанг рече дека неговата клиентка била „добродушна личност“ која „им верувала на луѓето“ и дека била користена како „мула“ за дрогата.

– Би рекол дека Деби не била свесна за природата на своето патување. И дека немала поим што има во нејзините куфери, бидејќи имало скриен дел за кој не ни знаела дека постои.

Окружните обвинители во Таојуан веруваат дека Деби Вулгарис е дел од „синдикатот за трговија со дрога“.

-Иако обвинетата во претходна постапка пред судот призна дека сторила кривично дело, се посочува дека претходно во истрагата и притворот пред овој суд најостро го негирала извршувањето на кривичното дело, а нејзините изјави биле контрадикторни, се наведува во документите.

Не се знае каде се наоѓа нејзиниот поранешен сопруг Џон Вулгарис, но адвокатскиот тим на нејзиниот адвокат ќе се обиде да го повика на суд.

Никој не смее да ја посети Деби Вулгарис во затвор, освен правниот тим и персоналот во конзулатот во Тајпеј. Барањето за нејзино ослободување беше одбиено во март.

Нејзините адвокати тврдеа дека таа не зборува со семејството веќе три месеци, дека има потешкотии да се приспособи на кинеската храна и дека не зборува кинески.

Сепак, судиите заклучија дека „тоа не се фактори кои треба да се земат предвид при утврдување на неопходноста од притвор“.

Вулгарис следно ќе се појави на суд во август. Сепак, таанајверојатно нема да добие смртна казна откако Уставниот суд на Тајван во август минатата година пресуди дека доживотните или смртните казни за прекршоци за дрога се делумно неуставни, тврди Дејли Мејл.