Маријана Димова, мајка на 14-годишниот Александар Димов, кој беше убиен во Прилеп, посочува дека е уште во шок и не може да се помири дека детето и е починато. Таа посочува дека убиецот имал список со планирани убиства. Посочува дека на убиството претходел и физички напад.
„Еднаш се скарал пред продавница, сакал со пивско шише да го удри – само едно другарче го тргнало. Пред неколку дена му рекол дојди во Прилеп, бидејќи не можел тука да го изврши убивството, па му направи замка за во Прилеп. Тој го планирал убиството. Правда. Да не излези никогаш од затвор. Само правда барам. Тој ако излезе, ќе утепа и други деца. Си имал список, тој си планирал, си имал список со десет деца да убие“, раскажува Димова за „Алфа“.
Информацијата за списокот е само тврдење на мајката, а засега, ваква информација нема од надлежните институции кои го испитуваат случајот.
Инаку, осомничениот 16-годишник, веќе е во 30-дневен притвор, определен од судија за деца, а по барање на прилепското обвинителство. Тој се сомничи дека со 10 убоди од нож го усмртил 14-годишниот Александар Димов во центарот на Прилеп на 29 февруари околу 19.30 часот.