Мајката веган од Флорида обвинета за убиство откако нејзиниот 18-месечен син умрел од глад бидејќи го хранела само со сирово овошје и зеленчук, е осудена на доживотен затвор.

Шејла О’Лири (38) ја дозна својата судбина во понеделникот, откако нејзината пресуда беше одложувана четири пати, откако кон крајот на јуни беше осудена за убиство од прв степен за смртта на нејзиниот син Езра О’Лири во 2019 година.

Жената доби и две казни од 30 години за злоупотреба на деца и убиство од небрежност, како и дополнителна петгодишна затворска казна за злоупотреба и занемарување на деца.

Судијата ѝ нареди на О’Лири, која тивко стоеше облечена во црвен затворски комбинезон, да нема контакт со другите деца. Бранителот по рочиштето изјави дека има намера да поднесе жалба на казната. Во меѓувреме, сопругот Рајан О’Лири (33) останува во затвор и го чека судењето за истите обвиненија.

На почетокот на август против таткото беа поднесени дополнителни пријави за сексуален напад врз жртва под 12 години и непристоен напад врз жртва под 12 години. Инспекторите рекоа дека двојката О’Лири им кажала дека семејството јадело само сирово овошје и зеленчук.

18-месечното момче тежело 8 килограми – неколку килограми под просекот – и било со големина на 7-месечно бебе кога почина во септември 2019 година, се вели во полицискиот извештај. Аутопсијата покажа дека малиот Езра починал од компликации од неухранетост.

„Ова дете не јадело. Таа го изгладнувала до смрт 18 месеци“, рече Франсин Донорумо, шеф на Специјалната единица за жртви на Канцеларијата на окружниот обвинител на округот Ли, за време на судењето на Шејла О’Лири.

О’Лири и нејзиниот сопруг имаат уште две деца, на возраст од 3 и 5 години, кои исто така беа неухранети, велат инспекторите. Четвртото дете, на возраст од 11, било ставено кај неговиот биолошки татко бидејќи исто така се појавила неухранетост.