Струмичанец кој живее и работи во Швајцарија, во порака до локален струмички портал испрати фотографија на моменталните цени на горивата таму и направи споредба со стандардот овде и таму.

„Еве фотографија од моменталната состојба на цените во Швајцарија на горивата. Овде на 250.000 денари плата, бензинот е близу 120 денари, а во Македонија на 18.000 денари плата, бензинот близу 100 денари. Весела математика“ – вели тој за Струмица Денес.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,88 % во однос на одлуката од 4.05.2022 година.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 2,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,261 ден/кг и сега ќе изнесува 53,848 ден/кг.

Од 10.5.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 90,50 (денари/литар)

ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 92,50 (денари/литар)

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)- 89,50 (денари/литар)

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,129 %, кај дизелот има намалување за 1,064%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 0,958% и кај мазутот има зголемување за 0,344%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,223%.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.5.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.