Туристите очигледно се подготвени на се за да обезбедат добро место на плажата и користат разни трикови и методи за да го зачуваат најдобриот можен пристап до морето, лежалката или погледот.

Меѓутоа, фотографиите кои неодамна беа објавени во групата на Фејсбук „Во живо од Грција“, направени на Атос, во близина на градот Уранополис, покажаа дека многумина немаат мерка и ограничување кога е во прашање толеранцијата.

Сцената снимена во седум часот наутро, авторот на шега ја опиша како натпреварувачки дух на балканските туристи во играта „кој побрзо, кој подобро“. На фотографијата се гледа дел од хотелската плажа каде што тогаш веќе биле зафатени сите лежалки, односно „означени“ со крпи или чанти.

„Секој ден треба да се „обезбедите“ порано, а на плажа можете да одите напладне, се додека во групата имате претприемнички ранобудник кој ревносно ги презема првите три реда“, пишува авторот од Македонија, додавајќи дека и порано видел слични ситуации, но сега забележува дека туристите тоа го прават „корпоративно“, односно дека една соба зафаќа, како што пишува, 20 лежалки и тоа – за секој случај, водејќи се од мислата: „Можеби ќе дојде уште еден наш“.

Други корисници се согласуваат дека со години се сведоци на истите сцени.

„Прв пат го видов ова во Паралија. Бев шокиран. Во 6 часот наутро, трчаат да остават пешкири на лежалките“, „Станувам во 5, но ги носиме нашите лежалки. Да бидам искрена, додека стигнам до плажата (30м) слободната зона е веќе окупирана“, се вели во дел од коментарите.

Други, на кои оваа практика воопшто не им се допаѓа, веднаш понудија некои решенија.

„Во многу одморалишта е забрането“, „Срамота“, „Ние сме виновни за тоа, затоа што ја трпиме таа ароганција.“, гласат коментарите.