Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изрази уверување дека војната ќе трае и предупреди дека руската инвазија на Украина ќе има тешки последици за Европејците.

Тој рече дека инвазијата ќе влијае на извозот на суровини и намирници, како и на цените на енергијата.

„Војната се врати во Европа. Оваа војна беше еднострано избрана од Путин. Оваа војна ќе трае и сите кризи што следуваат ќе остават трајни последици. Мора да се подготвиме со многу одлучност и солидарност“, рече Макрон.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан во телефонски разговор со него го поддржал исклучувањето на Русија од глобалниот платежен систем СВИФТ.

„Франција исто така беше подготвена да ѝ испорача оружје и воена опрема на Украина“, напиша Кулеба на Твитер.

Француската морнарица пресретна и заплени товарен брод во Англискиот канал, упатен кон рускиот град Санкт Петербург, за кој постои сомнеж дека прикршува санкциите на ЕУ воведени кон Москва.