Полицијата во Велика Британија ги истражува сите околности откако пред два дена во куќа во Норвич биле пронајдени четири безживотни тела. Малата Јасмина била пронајдена мртва покрај нејзиниот татко и сестричката, а во куќата било пронајдено и тело на жена (36) која наводно била во роднинска врска со нив, објави Дејли Меил.

Во петокот полицијата ги пронашла телата на Бартоломеј Кузински (45), неговите две ќерки и уште една жена. Како што е соопштено, на сите четири тела се констатирани повреди, а телата се испратени на обдукција, за да се утврди точната причина за смртта. Наводно, од куќата претходно дошол повик во полиција, но патролата не била испратена на терен. Тие информации се уште се проверуваат. Нина Крисан, чиј син порано се дружел со малата Јасмина, вели дека девојчето било прекрасно.

“Имаше толку мирна и прекрасна енергија. Беше прекрасно, прекрасно дете”, рекла Нина. Таа рече дека сите соседи биле во шок откако се дознало дека сите се мртви.

„Шокирани сме и многу тажни. Сите сме овде многу блиски, дури и некого лично да не го познаваме, знаеме за него преку други соседи, пријатели, деца… Се познаваме по видување додека ги шетаме кучињата. “ рече соседот. Момче кое пораснало со Јасмина вели дека таа била прекрасна пријателка.

„Никогаш не се караше, секогаш беше љубезна и се грижеше за сите“, рекло момчето. Друго дете рекло дека Јасмина секогаш се грижела за неговата помала сестра и дека е многу тажен што ја нема. Инаку, британските медиуми пишуваат дека кобното утро околу 6 часот од куќата имало повик во полиција, но патролата никогаш не била испратена.

Полицијата пристигнала дури по повик од загрижените соседи околу 7 часот, кои се јавиле дека нешто се случува во куќата. Според неофицијални информации, полицијата интервенирала во таа куќа на 14 декември, откако наводно исчезнал еден од членовите на семејството. Засега не се бараат трети лица поради сомнение дека се вмешани во смртта на семејството.