Русија започна голема окупација на Украина од три страни на светот, но и од воздух. Мапа со местата во кои има оган беше објавена на Твитер која покажува дека горат Харков на исток, Одеса на југ, но и дека заземени се аеродроми во многу места, вклучително и далечни западни градови како Ивано-Франковск, кој е јужно од Л’вов и Луцк. Најновите информации велат дека Русите ја запоседнале и нуклеарната централа Чернобил, во непосредна близина на Киев, заедно со блиските аеродроми.

Би-Би-Си пред два часа објави своја мапа и репортажа како досега се одвиваше окупацијата.

Напад од воздух

Приближно од 03:00 часот по Гринич, се слушнаа експлозии во многу градови низ земјата, бидејќи воздушната одбрана на Украина и другата воена инфраструктура беа нападнати. Аналитичарите велат дека ударите од воздух имаат за цел да го отворат патот за влез на копнените трупи.

Напад од север

Од север, се верува дека руските војници ја преминале границата со Украина на тринасочната раскрсница меѓу Украина, Русија и Белорусија, кај Сенкивка. Во последниве недели, огромно распоредување на руски војници се собра блиску до Нови Јурковичи и Троебортно, вклучувајќи ја „целата 41-ва армија“, според Мајкл Кофман од Центарот за поморски анализи со седиште во САД.

Се смета дека оклопните колони, вклучувајќи тенкови и повеќекратни ракетни системи за лансирање, се движат кон Чернихов, на директен пат кон Киев. Украинските власти соопштија дека руски хеликоптери нападнале воен аеродром во Гостомел, западно од Киев.

Напад од исток

Од исток има информации дека руски тенкови пристигнале во Харков, вториот по големина град во Украина. Гранатирани се делови од градот.

Во текот на ноќта имаше големи експлозии во Доњецк, а слични експлозии доаѓаа од правец на Белгород преку границата, каде што во средата беа пријавени големи движења на војници.

Напад од југ

На југ, војниците преминаа од Крим кон копното, кон Керсон, преземајќи ги Чонгар и Ново Алексеевка. Во текот на ноќта, експлозии се слушнаа во градовите низ регионот, вклучувајќи ги Одеса, Мавропол, Мелитпол и Керсон.

Хеликоптери веќе летаат над Киев

Новинарите на светските агенции ги документираат воените активности низ Украина, каде растат дезинформациите за време на руската офанзива од земја и од воздух.

Со оглед на тоа што социјалните мрежи подгреваат разни тврдења, во зависност од тоа која ја страна ја поддржуваат, Бета, повикувајќи се на АП пренесува листа на настани што може да се потврдат. Активност со директни сведоци:

Руски воени возила преминуваат од Белорусија во Украина на преминот Сенковка во Черниговската област.

– Руски воени возила го минуваат мостот кај Тавриск и Нова Каховка во јужната Херсонска област и руски воени хеликоптери летаат над тоа подрачје.

– На снимка од безбедносни камери се гледа како руски воени возила преминуваат од Крим кон територија контролирана од владата на контролниот пункт Армијанск.

– Експлозии околу Киев и нивни последици.

– Над Киев летаат хеликоптери, за кои се верува дека се руски.

– Пожар во близина на седиштето на украинската разузнавачка агенција

– Експлозии во Дњепар во источна Украина.

– Експлозии во близина на аеродромот и складишта за бомби во Миргород во источна Украина, вклучително и звук од гранатирање.

– Последици од експлозии во Мариупол, стратешки град на Азовското Море во близина на руската граница.

– Експлодира граната во станбена зграда во источниот град Харков; жител ја опиша експлозијата и рече дека соседот бил ранет во ногата и бил однесен со брза помош.

– Веднаш надвор од областа контролирана од сепаратистите, во Бахмут, воени офицери стационирани на патот и гужви во редови на бензински пумпи и банки за да се подготват за бегство.

– Во Сијеродоњецк семејства се кријат во засолништа за бомби по извештаите за две експлозии.

Украинските и руските власти соопштија:

– Борба во Хостомел, на седум километри од Киев.

– Воен авион се урна во областа Обухив, 40 километри јужно од центарот на Киев. Во авионот имало 14 лица, нема утврдени жртви. (Украинско Министерство за вонредни ситуации)

– Бомбардирање на електрична централа во Трипиљи, 40 километри јужно од Киев, во приближно истата област каде што претходно беше соопштено дека се урнал украински воен авион (Канцеларија на претседателот на Украина)

– Руската армија објави дека уништила 74 украински воени објекти, вклучително и 11 воздушни бази (Руско Министерство за одбрана).