Го натерале да се соблече. Плашејќи се за својот живот, пред петмината почнал да ја соблекува кошулата со кратки ракави, панталоните со 37 евра во нив, патиките, гаќите и чорапите. Причина? Долг од 1.000 евра што Д.М. не го вратил кај В.К.
Штом забележал дека „концентрацијата“ на тимот насилници паднала, почнал да трча кон насипот во правец на реката Крапина. Го бркале и тие. Но, за разлика од нив, тој скокнал во реката и испливал на другата страна и се качил на коловозот на автопатот А2 додека екипата на „киднаперите“ останала покрај коритото на реката да ги набљудува неговите понатамошни потези.
– Гол како од мајка роден, загрепчанецот Д.М. избезумено скокаше по патот и мавташе со рацете. Тој барал помош на автопатот обидувајќи се да запре возила. На крајот единствената која го запрела била полицијата, поточно полицајците од Мобилната единица на сообраќајната полиција. Беше околу 13 часот и 30 минути на 15 јуни, пред седум години, кога го ставиле гол во полициско возило и го однеле во Полициската станица Запрешиќ, каде што им раскажал се, а потоа биле приведени киднаперите В.К. и Д.Б., двајцата 44 годишни. Мошне брзо биле уапсени и Б.П.(51), Д.Г.(52) и Ж.Ј.(49). Целата постапка траеше седум години, а првообвинетиот В.К. на кого Д.М. му должел пари, пак, почина во 2021 година, додека останатите четворица пред десет дена беа осудени на условни затворски казни од една година со четиригодишен пробен период. Тројцата биле ослободени и од плаќање судски трошоци, додека Б.П. е единствениот што треба да плати 50 евра судска такса, објавија хрватските медиуми.
Сите четворица ја признаа вината, изразија жалење и каење и ветија дека ништо слично нема да се повтори.
– Сето ова се случи поради однесувањето на оштетениот – изјавија едногласно обвинетите во судот. Исто така, сите по ред бараа да бидат што поблаго казнети бидејќи освен што досега не се осудени, сите по ред минуваат низ тешки здравствени битки, а некои од нив беа оперирани.